Медиумската писменост е клучот за поотчетно и потранспарентно општество

Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС го организираа меѓународниот симпозиум „Во чекор со трендовите: образование за медиумска писменост во сè побрзото секојдневие“ како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Симпозиумот имаше за цел, преку примери и искуства од професори и истражувачи од Северна Македонија и поширокиот регион, да претстави можни решенија за сеопфатно вклучување на медиумската писменост во високото образование.

„Неопходно да го поддржиме развојот на компетентни и самоуверени наставници по медиумска писменост во високото образование“, посочи Рене Хобс, професорка на Универзитетот на Роуд Ајленд, Факултет за комуникации и медиуми „Харингтон“ во САД.

„Медиумската писменост е клучна за градење на општество кое ќе бара отчетност од јавните институции“, истакна Пол Михаилидис, професор по граѓански медиуми и новинарство на Факултет за комуникации при колеџот „Емерсон“ во САД.

За време на симпозиумот беше објавен отворен повик за универзитетите во Северна Македонија да поднесат предлози за развој и спроведување на активности за образование за медиумска писменост во партнерство со ИКС и ИРЕКС.

„Младите размислуваат“ е петгодишна програма финансирана од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) која ја спроведува ИРЕКС во соработка со локалните партнери Институтот за комуникациски студии (ИКС), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ).