Институтот РЕСИС изготви прирачник за родители за медиумска писменост

Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС како членка и соработник на Мрежата за медиумска писменост изготви прирачник за родители за медиумска писменост, како алатка за родителите во обид да се заштитат најмладите од дезинформации, гласини или манипулативни содржини.

Тие велат дека прирачникот дава особен осврт на користењето на новите медиуми и содржините со кои се сретнуваат децата преку нив.

„По краткото објаснување за важноста на медиумската писменост за најмладите, кои од најмала возраст се опкружени со широк дијапазон на информации преку користење на модерната технологија или пак во нивното секојдневно опкружување, накратко се дадени насоки за тоа како да им се пристапи на најмладите во обидот да се објасни начинот на кој тие треба да ја селектираат содржината што ја среќаваат. Во неколку важни точки се објаснуваат клучните прашања кои треба децата да ги постават при восприемање на содржината со цел да ја развијат способноста за критичко размислување, да станат одговорни корисници, но и креатори на содржини, како и да ја разберат моќта на информациите и медиумите да влијаат врз нивните животи“, пишува во објавата на институтот.

Прирачникот може да се погледне на следниов ЛИНК.