Собранието го изгласа недела како неработен ден, измените почнуваат од 1 јануари

По второто читање, Собранието денеска ги усвои законските измени за работни односи кои ја дефинираат недела како неработен ден. Измените треба да почнат да се применуваат од 1 јануари.

Прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството.

Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности.

За 100 отсто поголема дневница и слободен ден се предвидува за оние работници кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со Законот за трговија, за кој пратениците треба денеска да расправаат.

Согласно усвоените законски измени, работодавците кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавецот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена.

Во периодите на забрана за работа, работодавецот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.

Законот помина на владина седница на 8 јуни годинава. Од Владата тогаш посочија дека со ова се врши усогласување на приватниот и професионалниот живот на работниците. Тоа, рекоа, ќе резултира со поголемо задоволство на работниците и зголемена мотивираност во работењето, што понатаму ќе придонесе за поголема продуктивност, подобри економските резултати на работодавците, а со тоа и на работниците.

Синдикатите и тогаш и сега бараат поголеми заштитни механизми. Работодавачите сметаат дека решението е добар компромис, до кој се дошло по подолги разговори меѓу социјалните партнери.

Голем број работници минатата недела се собраа на протест пред Собранието повикувајќи ги пратениците под итно да го изгласат законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден. Притоа, потсетија дека бараат и измени на Законот за минимална плата. Нивните барања ги поднесоа во Собрание.