Македонци преку Фејсбук масовно се заблагодаруваат за помошта на австриските доброволци пожарникари

„Ви благодариме многу“, „Респект и благодариме Австрија за вашата помош и поддршка“, „Да сте живи и здрави“, ова се само дел од стотиците коментари кои Македонци, заедно со по некој гиф ги објавуваат на објавите на Фејсбук страницата од австриската доброволна противпожарна организација „Ное“.

Најмногу коментари, односно нешто над 400 има на објавата каде тие соопштуваат дека во земјава се очекува да пристигнат нови 114 волонтери, додека претходните 96 се враќаат дома.

Помошта од Австрија првично во земјава пристигна пред два дена, а освен нив, во пожарите кои избувнаа и тие кои се уште горат се вклучени и екипи од Србија, Словенија, Бугарија и Романија.

Во моментов, според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) низ земјава гори на неколку локации. Радио МОФ претходно подготви мапа на која може визуелно да се следат овие информации кои постојано се ажурираат.