МОН уште го „крчка“ субвенционираниот студентски оброк, на студентите им го сервира со системска грешка

„Почитувани, ве информираме дека поради системска грешка во системот за електронски услуги, ви беше пратена погрешна информација за прекин на правото на студентски оброк. Ве молиме не го земајте во предвид претходното известување“.

Ова е пораката која ја добија студентите, откако во понеделникот на социјалните мрежи споделија мејл од МОН со кој се известуваат дека им е ускратено правото на студентски оброк, иако студентите претходно успешно аплицирале на конкурсот. Дел од нив дополнително беа збунети откако по мејлот, ја добија и првата исплата за субвенцијата.

Додека на социјалните мрежи се споделуваа неофицијални информации дека мејлот со погрешни информации го добиле стотици студенти, од МОН за Радио МОФ изјавија дека мејлот го добиле околу 70 студенти.

Истовремено, од МОН специфично укажаа дека испратените мејловите не се резултат на системска грешка, туку мејловите ги добиле студенти кои групно аплицирале за оброкот, но од еден ист мејл.

„На повеќе од 70 студенти им е стигнато известување дека се одбиени, бидејќи мејлот им се води на друго лице и од тие причини се известени дека им се укинува, а во суштина тие ги исполнуваат условите. Проблемот е што повеќе студенти аплицирале од еден ист мејл. Некои коишто добиле известување дека се одбиени, ги добиле средствата, уплатени им се на сметка“, не известија тогаш од МОН.

Поради неконзистентноста на одговорите, Радио МОФ испрати дополнителни прашања до Министерството за образование и наука, барајќи одговори за неколку прашања, односно:

  • Кој беше условот за одбивање на апликациите за студентски субвенциониран оброк во првиот рок на пријавување?
  • Колку вкупно жалби беа поднесени од првиот рок и колку беа усвоени?
  • Колку бруцоши аплицираа на вториот рок за субвенциониран студентски оброк и колку од нив ја добија можноста?
  • Колку вкупно студенти добија право на студентски субвенциониран оброк?
  • Колку вкупно студентски апликации беа одбиени за субвенциониран студентски оброк?
  • Која е најчестата причина за одбивање на студентите, кои услови не биле исполнети?
  • Колку студенти вкупно добија неважечки мејл за укинување на правото на оброк?
  • Колку од нив добија мејл со известување за техничка грешка?

Оттаму добивме само кус одговор, дека во понеделникот од МОН е направена исплата на 18.105 студенти.

„МОН во понеделникот направи исплата на субвенциониран студентски оброк на вкупно 18.105 студенти кои ги исполнуваат пропишаните законски услови а аплицирале во првиот и вториот рок“, изјавија оттаму,  дополнувајќи дека ова се единствените податоци кои може да ги споделат во моментов.

Во септември, од МОН известија дека во првиот рок за аплицирање за субвенциониран студентски оброк се пристигнати 21.693 апликации, од кои се прифатени 18.149 апликации. Првиот рок за аплицирање за оброкот беше наменет за студентите од втора и повисоките години на студии.

Веќе на 1 октомври годинава, започна и вториот рок за аплицирање за субвенција за студентски оброк, а траеше до крајот на месецот.  Вториот рок беше отворен за бруцошите, но и останатите студентите кои не стигнаа да аплицираат првичниот повик.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое студентите од државните и приватните факултети за време на студирањето ќе добиваат по околу 2.400 денари 9 месеци во годината. Според проценките на МОН, се очекуваше ова право да го искористат околу 40.000 студенти, но уште од почетокот на повикот беше забележан слаб интерес за оваа мерка од страна на студентите.

И.С.