МОН: Во тек е постапката за исплата на субвенциониран студентски оброк

Од Министерството за образование и наука (МОН) соопштуваат дека во тек е постапката за исплата на субвенциониран студентски оброк, откако налогот за исплата на средствата го доставиле до Министерството за финансии на понатамошно постапување.

Оттаму информираат дека Комисија во рамки на Министерството за образование и наука извршила проверка на апликациите на студентите од аспект на исполнетост на условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, преку компарација со податоците пристигнати од другите надлежни институции – УЈП, АВРМ, ФПИОМ, МВР и сите универзитети.

„Секој студент кој ги исполнил условите, ќе добие средства за два и пол месеци, односно за половина септември и за октомври и ноември“, велат од МОН.

Повикот за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк траеше од 25 ноември до 3 декември и на него пристигнале над 31 илјада апликации.

Пари на своите трансакциски сметки студентите ќе добиваат до март следната година, по што треба да започне примена на системското решение со кое студентите преку посебни картички и мобилна апликација ќе може секој ден да купуваат оброци кај регистрирани даватели на услугата субвенциониран студентски оброк. Останува да се види какво решение ќе најдат институциите за субвенционираниот оброк да почне да функционира онака како што беше замислен при донесувањето на законот во 2020 година.

Студентите не го добија најавениот субвенциониран оброк до 15 декември