МОН: Студентски дневен оброк од 120 денари до март, во меѓувреме се бараат системски решенија

Од Министерството за образование и наука (МОН) информираат дека по вчерашната средба на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, премиерот Димитар Ковачевски и студентските претставници, од денес МОН започнува со активна комуникација со претставници на студентските собранија, преку која ќе се работи на заедничко наоѓање на системски решенија за студентските предизвици.

По тричасовната средба, одлучено е да се предложи нов Предлог – закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021.

Министерот Шеќири посочува дека на средбата е одлучено студентскиот оброк да се исплаќа по истите критериуми до март 2023 година, а во меѓувреме ќе се работи на креирање системски и трајни решенија.

„Вчера на заедничка маса ги ставивме барањата, предлозите и можностите, со што  покажавме дека вратите на Собранието и другите институции се секогаш отворени за соработка. Јас ќе бидам во постојана комуникација со работната група каде се и студентските претставници и тие ќе бидат дел од тимот со кој ќе работиме заедно за системското решение, и за подобри услови, и за сите други проблеми што ги имаат студентите“, вели Шаќири.

Од МОН истакнуваат дека предлог-законот ќе биде во временски период од шест месеци, што значи ретроактивно од 15 септември и ќе продолжи до март, а дотогаш ќе има временски рок на усогласување за новото системско решение кое ќе значи дека студентите ќе добиваат здрав студентски оброк и ќе се реализира исплатата на дневна основа.

„Во овој период се договоривме ретроактивно за вредноста што беше досега, со измените од 2021 година, а во наредниот период со системското решение сумата ќе биде повисока. Значи од март ќе биде повисока и тоа почнувајќи од 140 денари или според тоа какви ќе ни бидат анализите до тој период“, вели министерот Шаќири.

Дополнително, од МОН соопштуваат дека од Германската банка за развојни политики веќе се добиени проекти во вредност од 24 милиони евра и дел од студентските домови се во одредени фази на подобрување на состојбата.