Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола прилагоден за студентите со атипичен развој

Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола неодамна беше реконструиран со што за прв пат ќе овозможи услови за студентите со атипичен развој.

Министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на домот истакна дека неодамна Владата ја усвоила информацијата за отварање на програма за инвестирање во сите студентски домови кои меѓудругото, ќе можат да бидат користени од сите ученици, вклучително и на оние со атипичен развој и оние кои имаат различни потреби за поинаков и посоодветен пристап до зградите.

„Токму овој студентски дом во иднина ќе го користиме како модел за пристапност, но исто така и за начинот на кој што собите и целата инфраструктура е поставена“, рече Царовска.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, пак, истакна дека овој проект бил реализиран врз основа на идеите што ги добиле од граѓаните преку Центрите за плански региони.

„Успеавме на студентите со посебни потреби да им овозможиме катче каде што ќе се чувствуваат пријатно за време на нивниот престој тука“, изјави Милевски.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер, истакна дека е задоволство да се види проект кој ги поддржува младите луѓе кои се иднината на државата.

„Горда сум на тоа дека ова е процес во кој беа вклучени граѓаните од целиот регион. Овој дом може да биде пример за тоа како треба да да се реконстриураат и останатите домови во државата“, додаде Сутер.

Според градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, ова е успешен проект на инклузија.

„Со овој проект се докажува дека сите имаме различни потреби за поддршка, а кога тие ќе се надминат, се добива шанса за поубаво живеење на сите заедно. Денешниот проект е показател на сето тоа дека светот може да биде поубаво место за живеење“, изјави Петровска.