„Демнење“ чека во Собрание, „Јавните соби“ се претворија во традиција – како да се справиме?

Zdr kako si“, испраќање на непосакувани „курослики“, споделување на одмазднички голи слики и видеа со порнографска содржина ја преплавија македонската, но и балканската јавност во последниве неколку години. Бројните тајни и приватни групи како македонските „Јавна соба“ и „Гевгелија Хаб“, но и регионалните групи како „Balkan room“, ,,Смоква“ и „Nishlijke“ загребаа под површината на балканскиот традиционалниот морал и ја покажаа темната страна на жедта за порнографска содржина што блика во патријахалните балкански општества.

И покрај тоа што случајот „Јавна соба“ ја крена на нозе македонската јавност со улични протести, потреба за правда и воведување на законски регулативи за генерално новата појава на онлајн сексуалното насилство, моменталната разрешница е дека за „Јавна соба“ се обвинети две лица – 32-годишниот Д.К. и 22-годишниот М.П., кои се товарат за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.

Ваквата “разврска“ доведе до тоа огромниот број на жени погодени од групите да немаат легална завршница на своите пријави, a бруталниот скандал на сексуално вознемирување да се сведе на педофилија. Истовремено, во јавноста се банализира скандалот на „дневна тема“ на социјалните мрежи и натпревар во морално однесување. Така, „што се сликала така за лајкови“, „што ја праќала сликата“, „изводи“, „на ќерка ми вака јас ќе убијам некој“, „куроповикателни слики не се објавуваат на социјални мрежи“ беа само дел од мислењата на општата јавност. Се разбира, тука не недостигаше и балканскиот феномен на сеир, па во помалите градови, откриените порнографски групи будеа љубопитство само доколку приватноста на некоја жителка се нашла во групите.

„Демнење“ чека во Собрание

Во Северна Македонија се чека на Собранието да се усвои „Демнење“, кривично дело преку кое со парична казна или затвор до три години ќе се казнува лице кое истрајно и неовластено ќе следи, прогонува или на некој начин се меша во личниот живот на некој друг.

„Демнење“ опфаќа и воспоставување несакани контакти со движење на ист простор со едно лице, злоупотреба и користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација.

Кривичното дело покрива и психичко злоставување, вознемирување и застрашување со кое се предизвикува чувство на несигурност, вознемиреност или страв за сигурноста.

Од Министерството за правда велат дека институцијата ги изработила, а Владата веќе ги усвоила измените на кривичниот законик со кои меѓу другото се вметнува и делото „Демнење“. Измените се испратени во Собранието за понатамошна процедура.

Дополнително, на состаноците биле повикувани странски експерти од ГИЗ и ОБСЕ, кои дале мислење во одредени области при подготувањето на измените на КЗ.

Адвокатката Марта Гусар вели дека во моментов, нема законска рамка понова од она што претходно било уставено како кривично дело во Кривичниот законик.

„Најмногу што може жените да се заштитат во овој момент е согласно новиот Закон за домашно и семејно насилство, каде е предвидено постоење на ваква заштита од овој вид на насилство“, вели таа.

Засега, за „Јавна Соба“ обвинението и на двете лица е поради педофилија. Адвокатката се надева дека откако ќе се вметнат измените во Кривичниот законик, ОЈО ќе продолжи со истрага без притоа да застари делото, па ќе има разрешница.

„Засега освен заштита поради несигурност, кои постапки се бавни и комплетно нецелисходни, никаква заштита друга нема. Мислам дека сме единствена држава каде немаме заштита за ваков вид на насилство, а инсистираме на дигитализација и интернетот ни е главен двигател за сите кампањи“, истакнува Гусар.

Засега во Северна Македонија постои Законот за домашно, односно родово базирано насилство, но адвокатката додава дека со тој закон, освен мерка против приближување, не се нуди поголема заштита на жените.

„Со самиот факт што ова дело ќе биде предвидено во Кривичниот законик, се надевам дека и казната за истото ќе биде соодветна со цел за конечна заштита на голем број жртви. За идни дејствија и што ќе следи, не би можела сега да коментирам, можам само трпеливо да чекам да кончено дојде до измена на Кривичниот законик“, заклучува Гусар.

Што е онлајн сексуално насилство?

Основачката и главната уредничка на македонската феминистичка платформа „Медуза“, Калиа Димитрова, објаснува дека под сексуално вознемирување се подразбира било каков облик на несакано вербално, невербално или физичко постапување од сексуална природа што има за цел или последица повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

„Секако, жените се несразмерно попогодени од оваа форма на насилство, па токму затоа сексуалното вознемирување се смета за една од формите на родово базирано насилство“, вели таа.

Димитрова истакнува дека она што е специфично за онлајн сексуалното насилство е што се случува масовно, како и фактот дека до скоро, ваквиот тип на насилство до скоро не било регулирано. Таа нагласува дека нужни се дебати и работење на ова поле на сите нивоа.

„Оваа форма на родово базирано насилство е тука да остане и зазема нови и различни форми за кои никој не е подготвен: ниту институциите кои треба да нè заштитат, ниту девојките и жените кои се диспропорционално погодени“, вели таа.

Се бориме против форми на насилство кои ги немаме дефинирано

Димитрова посочува дека во Северна Македонија, невладините организации кои се занимаваат со женски и човекови права, ја следат и оваа проблематика, особено по појавувањето на Јавна соба.

„Хелсиншкиот комитет за човекови права нуди бесплатна правна помош на жртвите, Коалиција Маргини исто така работеше со жртви на „Јавна соба“ и „Гевгелија Хаб“, со заеднички напори Родова платформа за родова еднаквост застапуваше за потребните законски измени, а ние како Медуза ги дадовме сите можни напори за оваа тема да биде во фокусот на јавност“, вели таа.

Сепак, дополнува Димитрова, работата истовремено претставува и процес на учење и на самите организации и здруженија, бидејќи овие форми на насилство се релативно нови, а жртвите ретко пријавуват, бидејќи во случаите со одмазничка порнографија, стигмата и срамот се огромни, а последиците страшни.

Јас очекувам се’ повеќе женски организации да го прошируваат своето поле на работа и кон сајбер просторот, овде станува збор за борба против форми на насилство за кои сè уште немаме соодветна дефиниција. Се бориме против форми на насилство за кои не постои општествен консензус дека претставуваат насилство“, посочува Димитрова, додавајќи дека вниманието на јавноста е исклучително важно, но е само дел од сложувалката.

Горјан Јовановски, активист и информатичар, објаснува дека апликацијата „Телеграм“ воопшто не е уникатна по концептот на тајни групи, поентирајќи на групата „Јавна соба“ која беше создадена на  „Телеграм“, а содржеше приватна сексуална содржина на жени и деца од земјава.

„Тајни групи и слични профили има на Инстаграм, Фејсбук, Ватсап и секоја друга платформа, за жал. Сегде каде може да се направи лажен или анонимен профил, може да се очекува дека вакви девијантни појави ќе постојат, барем додека не го засилиме едукативниот систем во ова поле. Телеграм стана прв избор поради наводната анонимност на луѓето во групите, иако прелесно се дознаваат телефонските броеви во истите, а знаеме дека телефонските броеви се поврзани со имиња“, вели Јовановски.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Според Димитрова, проактивноста на институциите е ретка, речиси непостоечка, но институционалната разрешница пак, е многу важна и мора да постои.

„Колку и да е тешко да се „поттикнат“ институциите да постапуваат правилно, професионално и навремено во случаи на сексуално насилство и вознемирување, милион пати е потешко да се смени популарниот став дека жртвата некако сама си ја налепила бељата, бидејќи тој пристап кон жртвите е веќе дел од нашиот културен ген“, вели Димитрова.

Таа објаснува дека двојната виктимизација е многу честа појава во блиските семејни кругови, па и институционално, па оттаму, треба да се даде фокус на одучување на овој феномен, бидејќи ваков тип на коментари претставуваат релативизирање на насилство и заземање на страна на сексуалните предатори и насилници.

„Јавноста секогаш има некаква идеја за што девојката требала или можела да направи за да не стане жртва, а многу ретко има идеи што може или треба да се направи со оној кој ја вознемирил, повредил или понижил. Истата таа јавност имаше огромен проблем со изјавата каде „заштити ја ќерка ти“ беше прецртано и наместо тоа испишано „едуцирај го син ти“, бидејќи на една мизогина заедница најлесно ѝ е да најде милион причини зашто девојките и жените се виновни што се жртви, а насилникот да не биде една од нив“, анализира Димитрова.

Јовановски пак забележува дека моментално се води вечна борба помеѓу две страни – намалување на сајбер-криминалот и заштитата на приватноста на корисниците.

„Доколку може да се читаат сите пораки од страна на креаторите на апликацијата која се користи, може лесно да се спречи ова, но отвара пандорина кутија на злоупотреба од страна на креаторите, хакери и државни органи за следење на граѓани“, посочува Јовановски.

Тој нагласува дека „Фејсбук“ и „Инстаграм“ не користат т.н.. end-to-end енкрипција на податоците, што значи дека податоците се енкриптираат на еден уред пред да се испратат до друг, и само таму може да се декриптираат, а никој измеѓу не може да ги прочита.

Додава дека „Телеграм“ и „Сигнал“ имаат вклучено вакви опции за сите корисници, па затоа тие се преферираат во време кога безбедноста во дигиталниот свет е многу комплексна и апликациите ги сакаат личните податоци

„Безбедност во дигиталниот свет е доста комплексна во време кога сите апликации ги сакаат нашите податоци. Најави се тука, стави слика таму, стави роденден онаму. Мора многу да пазиме кои информации ги пласираме на интернет, посебно на социјалните мрежи. Во кој било момент, со мал технички пропуст, може да протечат информации од некој сај и да се злоупотребуваат пораките, сликите, лозинките“, вели Јовановски.

Сексуалното насилство е кривично дело каде жртвата се обвинува 

И Димитрова посочува кон моменталниот Закон против родово базираното насилство, за кој вели дека е во линија со Истанбулската конвенција, и како таков, е родов сензитивен, и уважува нови форми на злоупотреба како онлајн сексуално вознемирување и демнење.

„Сепак, се’ додека овие форми кои сега се законски уредени не се инкриминираат преку Кривинчниот законик, имплементацијата е невозможна. Дополнително, потребна е родова сенизбилизација на сите институции кои работат во ова поле, а не само добри закони на хартија“, вели таа, но посочува дека загрижувачки е што институциите сè уште немаат развиено механизми за навремено постапување.

И Јовановски посочува дека промените во кривичниот законик се во процес на усвојување, но вели дека колку и да е законот добронамерен, смета дека не може лесно да е ставен во пракса, посебно со ограничените капацитети на секторите во МВР.

„Сепак, се надевам дека не го правиме законот само туку-така, но дека навистина имаме спремна екипа во институциите што ќе ги следи, открива и казнува сторителите“, заклучува Јовановски.

Радио МОФ побара став за кривичното дело „Демнење“ од политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса на Албанците и ДУИ, но до објава на текстот не добивме одговори. Тие ќе бидат оние кои допрва во Собрание, каде што ќе треба ги  изгласаат, а со тоа и усвојат новите измени во Кривичниот законик.

Ивана Смилевска