Врсничката едукација е решение за сајбер насилството

„Речиси 90 отсто од содржината објавена на интернет на европско ниво без дозвола на сопственикот им припаѓа на жените и девојките, а особено младите девојки се најчестите жртви на сајбер насилството“, истакна Катерина Иванова од ХЕРА Млади, една од трите говорници на денешната панел дискусија „Сајбер насилство: Безбедност и самоцензура“ во организација на феминистичката платформа Медуза и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Иванова посочи дека младата генерација многу умешно управува со социјалните мрежи и успева да ги искористи за сопствена едукација и поради тоа, според неа најдобриот начин да се намали и спречи сајбер насилството, а да се големи сајбер безбедноста е да се воведе врсничка едукација.

„Младите не треба да ги ограничиме само на тој поим. Постојат многу млади инженерки, програмерки и организации што заедно вмрежени ќе успеат да посочат соодветно решение за да се намали насилството со кое се соочуваат младите генерации на интернет“, рече Иванова, споменувајќи го и сексуалното образование како можност за едукација младите.

Во однос на одговорноста во сајбер просторот, Иванова рече дека секој од нас е одговорен за себе.

Ивана Смилевска, активистка и новинарка се согласи дека физичката комуникација денес се претопува во онлајн комуникација.

„Мислам дека социјалните мрежи и онлајн комуникацијата ја изземаат одговорноста од реалноста. Мислам дека таму е многу полесно да не преземеш одговорност и поради тоа многу често се случува сите жени што се на некакви јавни функции да бидат цел на сајбер напади само поради тоа што се борат или нивното размислување не го дели колективното мислење. Многу е полесно да се преземе некоја фотографија што е ставена јавно и потоа да се прави персонален личен напад врз жената или корисникот со кој не се согласуваме“, рече Смилевска.

Смилевска посочи дека луѓето многу често ќе изразат свое мислење на социјалните мрежи каде корисниците се со своето име и презиме, но според нејзиното медиумско искуство таа забележува дека луѓето се плашат кога треба да дадат изјава за одреден медиум.

„Тука се поставува прашањето што е лично, а што професионално. Сајбер просторот е место каде луѓето си дозволуваат да кажат се, а медиумите се настрана од сајбер просторот и изгледаат како порелевантни извори на информации. Мислам дека интересот кај медиумите за оваа тема се јави по случајот ,Јавна соба’, меѓутоа сметам дека сѐ уште е свежа тема за разговарање, но и темата за сајбер безбедност е исто така е свежа. Од една страна ги имаме големите компании во чија сопственост се социјалните мрежи, а од друга говорот на омраза и легислативите што треба да се донесат за да регулира сајбер насилството што одат многу тешко и се големи генерални состојби што не може да се опипаат“, поентираше Смилевска.

Третата говорничка, Славица Атанасовска која е дипломиран правник и вработена во Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека постои правна празнина во Законот за кривична постапка.

„Според минатогодишното истражување каде таргет ни беа три средни училишта од различни градови од земјава можевме да увидиме дека 78 отсто од испитаниците (вкупно 300) на некој начин биле жртви на сајбер булинг. Иако секој може да е таргетиран, најпогодени се девојките и ЛГБТИ заедницата. Како резултат на насилството, 11 од 300 деца имале самоубиствени мисли, овие бројки се алармантни. Немаме правни механизми, немаме никаква судска пракса“, рече Атанасовска.

Елена Петреска од коалиција Маргини која беше модератор на настанот даде неколку примери од светот каде не се регулира сајбер насилството и истото резултира со најлошата опција на соочување на жртвите – самоубиството.

Говорниците кои доаѓаат од различни организации кажаа дека често се случува кај нив да се обратат полнолетни девојки што биле жртви на сајбер насилство, но бидејќи во моментов нема никаков механизам за постапување, не може ништо да се направи.

Доколку се имплементира соодветна легислатива за решавање на случаевите со насилство што се пројавува во виртуелниот простор истата би морала да се спроведува преку одговорните институции.

„Според законот, лицето што пријавува сајбер насилство мора да отиде до институција, односно до полиција, ќе биде повикано во суд и кај обвинител. Со цел процесот да не биде дополнително трауматичен на лицето му е дозволена придружба што препорачуваме да биде од правна служба“, изјави за Радио МОФ Славица Атанасовска.

Ивана Смилевска го даде примерот на Марк Закерберг со фотографијата на која се воочува дека тој ја има покриено камерата на својот лаптоп и оттука ја влече пораката дека секој треба да внимава на своите лични податоци.

„Треба да бидеме себични со личните податоци. Треба да користиме апликации што овозможуваат опции да се прикаже кога се прави принтскрин на фотографија или да се користат други пребарувачи освен Google Chrome бидејќи помалку ги генерираат нашите податоци, да се внимава кои апликации се користат и притоа да се пази на тоа што им дозволуваме да користат, да употребуваме различни лозинки, да се тргне датата од раѓање на личните профили бидејќи преку тие бројки лесно може да се дојде до адресата“, рече Смилевска.

Ангела Бошкоска