Дискусија на тема „Сајбер насилство: Безбедност и самоцензура“ во Комитет

Во организација на феминистичката платформа „Медуза“, во понеделник, 13 јуни ќе се одржи дискусија на тема „Сајбер насилство: Безбедност и самоцензура“.

Со почеток во 11 и 30 часот, во Комитет ќе се разговара за односите на моќ, родовата еднаквост и/или родовите релации, сајбер просторот и влијанијата на технологијата врз жените, како и за соодветните алатки за отпор против опасностите кои се јавуваат токму во оваа сфера, но се дел од пошироки општествени процеси.

На темите од свое лично, но и професионално искуство ќе разговараат Катерина Иванова (ХЕРА Млади), Славица Анастасовска (Хелсиншки комитет за човекови права – Скопје) и Ивана Смилевска (Радио МОФ). Дискусијата ќе ја модерира Елена Петровска (Коалиција Маргини).

„Иако секој може да биде жртва на сајбер насилство, тоа е длабоко испреплетено со родово базираното насилство, со оглед на тоа што девојките и жените се најчести жртви на најпознатите и поекстремните форми на насилство преку интернет канали. Несоодветното третирање на проблемот од интитуциите, недостатокот од истражување и соодветна легислатива, обвинувањето на жртвите како доминантен наратив, и финално, реткото казнување на насилниците, доведува до една атмосфера каде сајбер просторот (о)станува небезбедно место за жените, глобално“, објаснуваат од Медуза.

На дискусијата ќе се постави прашањето како може да се спротивставиме на форми на насилство кои сè уште ги немаме соодветно дефинирано и за кои не постои општествен консензус дека претставуваат насилство.

„Во една ваква атмосфера, каде во голема мера сме оставени сами на себе во однос на заштита, се прашуваме, на кој начин да бидеме побезбедни во сајбер просторот? Дали ограничувањето на изразувањето и слободата се легитимни мерки на (само)заштита или пак претставуваат форма на (само)цензура? Дали и колку треба да сме внимателни што објавуваме и испраќаме? И финално, како да бараме соодветна системска заштита, кога упорно гледаме како институциите потфрлаат во ова поле“, пишуваат организаторките.