Од мое гледиште – обука за критичко феминистичко пишување на Прво па женско #9

Здружението на граѓани за промоција на женска активност Тиииит! Инк. во соработка со феминистичката платформа Медуза годинава организираат мини-школа за критичко пишување која ќе се одржува од 1 до 13 јуни, како дел од младинската програма на фестивалот Прво па женско#9.

Школата ќе биде поделена на четири дела – две предавања и две практични работилници – преку кои учесничките/ците ќе се стекнат со основните начела на историјата на женското движење и присуството на родот во јавниот дискурс и медиумите, како и основите и практичните аспекти на пишување аргументиран текст.

„Целта на оваа мини-школа е да се обучат учесничките за пишување на издржани критички текстови, со силна лична перспектива, која би открила нови и не-толку-јавно-застапени гледишта за искуствата на девојки и жени, како и на сексуалните и родовите малцинства“, се вели во повикот.

Теоретските предавања вклучуваат: предавање за историјата на женското движење и 1,2,3 и дискусија за 4 бран на феминизам со Ирена Цветковиќ (01.06.2021) и предавање за родот во медиумите и поп-културата со Ана Мартиноска (05.06.2021).

Практичните обуки ќе бидат со Хана Корнети (06.06.2021) и Калиа Димитрова (13.06.2021). Текстовите кои ќе произлезат од обуките, ќе бидат објавени на веб страниците на Тиииит! Инк. и Медуза.

„Сметаме дека личната перспектива е суштината на секој важен и квалитетен критички текст и мора да стои рамо до рамо со издржаноста на аргументите во него. Со оваа обука, ние оградуваме дел од јавниот дискурзивен простор затоа што споделените лични гледишта на жените, сексуалните и родовите малцинства трасираат поинклузивна и солидарна иднина, во дослух со нивните реални потреби. Учесничките(ците) ќе имаат шанса за блиска соработка, разговор и размена на идеи со нашите обучувачки и предавачки и ќе можат да ги напишат текстовите кои (им) се важни“, стои во повикот.

Секое предавање или работилница ќе се одржува на отворено и ќе трае од два до три часа, со паузи и ќе бидат затворени за пошироката јавност. Задолжително ќе е носењето на прекривка преку носот и устата (медицинска или платнена маска, марама, бандана) и/или одржување физичка дистанца.

Рокот на пријавување трае до 28 мај 2021 година.

За пријавување потребно е да се пополни образецот на следниот ЛИНК

За сите дополнителни прашања може да се обратите на tiiiit.inc@gmail.com или на нивната Фејсбук страна.