„Години будни“ – десетто издание на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“

Овогодишното десетто издание на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“ ќе се одржи под слоганот „Години будни“.

Организаторите на фестивалот посочуваат дека под слоганот ги одбележуваат нивните долгогодишни соработки и остваруваат нови вмрежувања, што е впрочем и суштинската практика и значење на „Прво па женско“.

„Слоганот на ППЖ оваа година освен што го отсликува нашето десетгодишно активно дејствување во културата и активизмот, толку е и повик за нови борби, нови начини на отпор и борба против патријархалните норми, практики и тесниот светоглед – најчесто оправдани како ‘природниот ред на нештата’“, велат организаторите.

„Јубилејното издание го поделивме на два дела: пролетно будење со богата говорна програма и на есен нудиме визуелна програма за сечии будни очи. Фокусот на првиот дел од фестивалот се хуморот и сатиратата. Дискусијата околу хуморот во рамките на феминистичката борба не е ништо ново; напротив, веќе со години наназад се зборува неспорната субверзивна моќ која се раѓа од феминистичката комедија. Заради ова, фестивалот оваа година ја отвора темата хумор како феминистичко средство кое се испречува пред колоната мизогини и штетни стереотипизирања со патријархалниот хумор“, стои во најавата за настанот.

Програмата за првиот дел од настанот, односно пролетното будење е следна:

март – мај 2022
Школа за феминизам: ФЕМ 101, во соработка со Медуза (доделување на сертификати на учесничките на 26 мај во клуб МКЦ)

13.05.2022 | Филхармонија | 20ч.
ПичПрич на тема „Цепки“ – концепт на Румена Бужаровска и Ана Василева. Учесници: Катерина Попова, Маја Казакова, Петар Андоновски, Софија Ристевска, Мима Симиќ, Илина Арсова и Јана Јакимовска

26.05.2022 | МКЦ клуб и ресторан | 19ч.
Stand-up комедија – со Софија Ристевска, Ангела Стојановска и Борис Геј – дрег крал (Глазгов)

05.06.2022 | Музеј на современа уметност | 11ч
„За родова еднаквост потребни се двајца“ – работилница за деца со уметницата Селма Селман

11.06.2022 | Театар Комедија | 20ч.
Срамота! и забава со Зоки Бејбе (во рамки на Скопски викенд на гордоста)

18.06.2022 | Младински културен центар – Дансинг сала | 19ч.
„Гол живот“ – перформанс на Оља Грубиќ (ВиаНегатива, Љубљана)