Деветто издание на „Прво па женско“ од 10 до 16 јуни

Деветтото издание на Фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“ ќе се одржи од 10 до 16 јуни на повеќе локации во Скопје. Годинава Фестивалот отвора дискусија и го преиспитува концептот на ‘јавно’, во контекст на светска пандемија, но и локално.

Организаторите посочуваат дека во време на екстремно видлива родова, класна и расна поделеност, просторот помеѓу нас освен што стана визуелен симбол на пандемијата, дотолку појасно ја откри и тензичната сопоставеност на јавните и приватните добра.

„Овогодинешната програма на Прво па женско #9 ја проблематизира и ѝ доделува централност на идејата за пристапност до она што се смета за јавно и за она што се гледа како приватно; го анализира јавниот дискурс во однос на она што се перцепира како јавно и расположливо средство за користење; ги разгледува јавните простори како оски за потенцијални алтернативни здружувања. Во прашање се доведува и безбедноста на сите жени и небинарни родови малцинства, еднакво под закана во и вон системите кои би требало да би требало да пружат заштита и грижа. Програмата ќе се обиде да отвори и дискусии и погледи кон нови алтернативни начини на заедничарење и колективни пракси кои свесно ќе оставаат простор за пробивање на потребите на заедницата, а ќе ги истиснуваат и ќе се борат против исклучувачките и насилничките политики на привилегираните“, објаснуваат организаторите.

На Фестивалот најавени се дискусии, театарски претстави, книжевни и музички промоции, работилници и многу други настани. Оваа година, во рамките на младинската програма, се одржуваат и делови од програмата кои се отворени само за одбраните учеснички кои се пријавиле.

Годинешната програма на „Прво па женско“ е реализирана како дел од Women on Women (WoW) проектот. Проектот е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Тиииит! Инк. го спроведува заедно со Mesto Žensk од Љубљана, К-Zona од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин.

„Прво па женско“ е Фестивал за феминистичка култура и акција, чиј фокус е оградување и обезбедување на простор и платформа за сите оние кои активно се занимаваат со преиспитување и напуштање на доминантната и обременувачка патријархална култура. Фестивалот нуди алтернативни  мрежи и погледи кон идни начини на здружување на сите оние кои системски истуркани, а експлоатирани.

Целосната програма на Фестивалот може да ја погледнете ОВДЕ.