Следната недела се одржува „Зрно“ – првиот фестивал за алтернативна фотографија

Со изложба на алтернативни фотографии, во понеделник (4 јули) ќе биде отворен првиот фестивал за алтернативна фотографија „Зрно“.

Организаторите на фестивалот најавуваат дека оваа година ќе се случуваат и работилници за алтернативна фотографија, на Матка, Скопје. Учесници на работилниците се околу 20-тина љубители на благородните фотографски процеси од регионот.

„Зрно изрти од инхерентната потреба да ја негуваме шароликоста на нашиот омилен медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон фотографијта кај нас. Зрно се нарекува фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. Зрно е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативнта фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. Зрно сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да успори, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за „грешките“. Да се насмее. Да се реобмисли себе. Да дише…“, посочуваат организаторите.

На оваа изложба, се претставуваат неколку алтернативни автор(к)и. Кети Талевска-Бакревска, со своите лумен – принтови. Викторија Мачковска со автентични цијанотипии. Мартина Павлоска, со нејзините весели полароиди. И Сашо Алушевски, со цијанотипии од циклусот Пикторијализам. Опремено од Владо Димоски.

„Секоја фотографија е едно помалку или повеќе совршено танго со светлината. Повеќе или помалку свесна игра, во зависност од умешноста на танчерите. Неа не смее да ја има премалку, ниту премногу. Страста брзо пламнува но ако не се покаже потребното почитување и танчерот се препушти само на страста, како во случајот на Икар, танцот брзо се претвора во очаен пад во непознатото и бурно море…но, можеби и тоа е патот“, вели Сашо Алушевски.

Изложбата ќе биде отворена на 4 јули во продажниот салон на Културно информативниот центар – Скопје од 20 часот. Фестивалот „Зрно“ ќе трае од 6 до 10 јули. Повеќе информации можете да најдете ТУКА.

Радио МОФ веќе правеше интервју со тимот што стои позади „Зрно“, кои посочија дека фестивалот потекна од неколку вљубеници во старите и благородни фотографски процеси.

[Интервју] Тимот на „ЗРНО“: Фотографијата е процес на кој му се восхитуваме