[Интервју] „Луфтанза“: Приказна за другарство и рокенрол

Пандемијата за некои артисти значеше продуктивен блок. Не и за дечките од младиот состав „Луфтанза“ (Lufthansa), кои периодов го минаа во креативен налет. Музиката за нив била „излезот“, единственото нешто што има смисла. Што вреди да се прави. „Луфтанза“ е своевиден продукт на карантините и сеопштите параноични пригоди од изминативе скоро две години. Па така, несреќниот период беше среќен за македонската алтернативна сцена. Бидејќи нив ги зближи и натера да прават музика. А, тие донесоа рокенрол свежина за сите. Првата направена песна „Модерна депресија“ значеше старт за низа други песни, значеше старт и за растечка база на фанови, изданија и свирки.

„Луфтанза“ прв пат имаа свирка летово на „Млади за Скопје“ во Стара чаршија. Млади луѓе наоколу седеа на столчиња, ги слушаа дистанцирани, под протоколи… и одеднаш „бум“ – станаа да играат. Се шуткаа пред бендот. Енергија до небо! Ослободување! Голем дел веќе ги знаеја песните напамет од тазе изваденото парче „Демо тејп 1“, деновиве објавено и од „Стотројка“ на касета во лимитиран тираж.

Сиот тој младешки електрицитет потоа се пресели во скопскиот Градски парк. Таму  дојдоа „Луфтанза“, дојдоа и другарите. Таму прв пат се запознавме. Опуштено и непосредно. Муабетевме и се дружевме низ ноќта кај „сепариња“.

Сега, после четврт година, повторно се среќававме на исто место. За да направиме интервју.

„Парк е местото, седиштето на алтернативата во Скопје. Како што во Прилеп е Цепенков, или ‘турското’ во Битола, така за нас е паркот. Тука веќе седиме шест години. Почнавме да доаѓаме во трета (средно), зашто беше кул. И еве, останавме“, посочуваат дечките од „Луфтанза“.

Ова е шестчлен состав. Лука Јованоски што за себе вели дека „свири гитара, пее и прди“. Потоа Мартин Џорлев, главен вокал и понекогаш гитара. Тука е и Иво Николовски, најчесто гитара, некогаш сајзер, а екстремно ретко пее. Раде Биковски, пак, е продуцентот на бендот, ама свири и бас, додека претходно од 2012 има свирено и клавир.

„Во бендот е и тапанарот Виктор Стојановски, кој не е тука, моментално е во Шведска. Исто е и Андреј Димовски, ама он сега е дома и учи“, низ смеа велат дечките.

Луфтанза на „Здраво млади“, 2021 година

Од „Луфтанза“ извира допадлив рокенрол ентузијазам. Искрен, бунтовен, свој. Момците си го живеат рокенрол филмот. Тотално. Дали е тоа седенка на „сепариња“, навраќање до Плочник, одење од свирка до свирка да чујат други бендови, дружење по гаражи, пред МКЦ… Музика и другарство. Тоа е она што ги движи.

Средношколските денови и почетоците на „Луфтанза“ 

Приказната стартувала додека биле средно. Лука и Мартин седеле во клупа заедно. „Дремеле“ заедно. Слушале и „Пинк Флојд“ заедно. Џемале во гаража заедно. Сите се споиле постепено, преку музичкото школо „Ентерпрајз“, ама и преку свирки наоколу… Уште од средно набивале музичка километража. Најважно било што сите свират. И, сакаат да свират.

„Тоа е она што сме сакале да го правиме од деца. Некој свирел на гитара играчка. Друг тропал на перници или тенџериња. Мислам дека сите детски сонови се вистинските сонови“, вели Лука.

Во средно школо, споменуваат дека дел свиреле на настани во клубот „Макарана“, а имало спојка и преку бендот од „Корчагин“ – „Точак“, кој свирел кавер теми од „Кајус“, „Квинс оф д стоун ејџ“ и сл. Најдоцна на бандата се приклучил Иво.

„Им се тупнав на една Нова Година“, се сеќава Иво.

Мартин се присетува на пандемијата. Изолирани по дома. Немале буквално што да прават. Со девојка му ги слушале Белорусите „Молчат дома“, па се зезал „еј, можам да направам ваква песна“. Па, направил песна, следниот уште една, па уште една… Така се родила „Луфтанза“.

„Првите луѓе на кои помислив се токму дечкиве. За пандемијата на сите ни беше смачено од се’. Првите неколку песни беа изговор да се собереме и свириме, да правиме музика. И, продолжи тоа активно. Се’ досега не сопрело. Се надевам нема да сопре“, вели Мартин.

Изданија, свирки и поддршка за други артисти

„Зезанции во музичка форма од сферата на психоделичен рок и пост панк“, пишува на нивниот Јутјуб канал за првото објавено парче „Демо тејп 1“. Овој албум одекна позитивно во круговите на вечните музички истражувачи. Си насобра попатно и фанови.

Ако „Битлси“ ја имаа „Жолтата подморница“, тие на омотот од изданието имаат жолто фиќо, кое засега ги „вози“ од свирка на свирка. Фестивалот „Здраво Млади“, „Бела ноќ“, на прославата „30 години Канал 103“… Меѓувреме објавија и „Демо тејп 2“ и „Мировна тегла“. Последново парче е всушност првиот албум снимен во студио. Цел бенд, со тапанар во живо, без програмирање. Снимен е во Студио „Алшар“ кај Штраф.

Од него објавија и видео спот за песната „Цигла“.

Дечките кажуваат дека веќе се охрабрени да експериментираат и импровизираат со теми. Пробуваат нешто ново,  надополнуваат и испреплетуваат жанрови и музички сензибилитети. Во „Мировна тегла“ имаат и гостин – Огнен Златанов од составот „Перија“, кој дава дополнителна димензија на звучната подлога. Огнен е составен дел и од бандата што се дружи во парк. Другар.

„’Перија’ е еден од бендовите што сакаме да ги слушаме. Плус, има полно млади македонски бендови како ‘Короужн’, ‘Хајка’, ‘Кат јор нипл’, ‘Преку ред’, ‘Мамут’, ‘Д диворсд клаб’, ‘Манас’, ‘Мен ин а сут’, ‘Фелуша’, ‘Алембик’… Сигурно некој забораваме. Постои нов бран. Има нова енергија, лутина што се создава. Мора да има гнев, за да се смени нешто“, забележуваат дечките.

Борба за културната сцена

Алтернативната сцена отсекогаш си давала поддршка меѓусебно. Секој на секој е аудиториум. Секој на секој е публика, си доаѓаат на свирки меѓусебно. Но, вечното прашање е дали таа поддршка е доволна, за сцената да опстанува и се (само)одржува? Треба ли и дополнително поддршка од медиуми, од институции, од организации?

„Можеби прво треба да престане се’ да се вложува во Скопје, бидејќи сите други бендови единствено можат да свират во Скопје. Мора ли се’ во Скопје?! Секој бенд кој е од помал град, за жал, нема простор – бидејќи нема културна сцена. Умртвени се културните центри. На никој не му е гајле! И, после велиме дека нема нови бендови од помалите градови!? Па, нема каде да свират!“, забележува Лука.

Мартин како дел од проблемот смета што и во Скопје целата културна платформа е неиздржана, нецелосна, па за да биде потоа некаков пример и за останатите градови.

„Фалат места за свирки. Ние сме млади, не можеме тоа да го смениме, немаме пари за изнајмување места за свирење. Пример, во култното МКЦ може да се размислува еднаш неделно да има ‘open jam night’, или ‘open mic night’? Можеби ваквата сцена треба да си остане андерграунд, но додека е целосно андерграунд нема можност за развој, односно нема можност музиката да стигне до повеќе луѓе, да имаат избор, па да чујат и да одлучат дали е ‘за нив’. Другари не знаат дека постои некој бенд. Државата тука треба да има улога. Плус, ако не направиш сам, ако не се бориш сам – никој нема за тебе да збрка“, забележува Мартин.

Фото: „Луфтанза“

„Мислам дека малку и културата општо е заостаната. Користам ‘малку’ за да не ставам на пиедестал дека ‘е’ заостаната. Но, дефинитивно е. И, повеќе се популаризираат мејнстрим места“, додава Раде.

„Медиумите недоволно даваат простор за бендови“  

Членовите од бендот упатуваат генерална критика и за состојбата со медиумите. Се сеќаваат на „Бла Бла ТВ“, но таа згасна, бидејќи беше неодржлива. Независното радио „Канал 103“ е расадник на уметници, ентузијасти и алтернативци, но веќе некој период нема фреквенција, само нуди програма дигитално.

„Зошто некој не им обезбеди фреквенција? Ако имаат фреквенција, може луѓе ќе пуштаат во кола, па ‘по грешка’ ќе чуеш ‘Луфтанза’, ‘Кат јор нипл’, ‘Хајка’… ‘Еј, новиов бенд’. Радијата воопшто не поддржуваат алтернативна музика. Истото цело време. Топ 50 хитови. Некаде, композитор што е ‘главен’ на радиото – песните што ги компонирал – тие ќе се свират. Две песни од еден естраден пејач, потоа од друга естрадна пејачка… И, тоа се слуша. Сто пати да ја слушнеш на радио – ќе ти се ‘заглави’ во глава. Друго, еве се одржуваше ‘Здраво млади’, но никој од мејнстрим медиумите не го промовираше фестивалот. Што ги кошта Сител да имаат еден прилог од 5 минути?“, прашува Мартин.

Лука смета дека на вести „само се врти политика, што кажал премиерот, министерот, што е новата ‘драма’“, функционерите за жал се реперот, а новата музика и културната содржина се избегнува.

„Политичарите се холивудските ѕвезди“, реагира Лука.

Дечките се согласни дека со ваквата деградирачка поставка, со погрешни херои и вредности што се пласираат во јавност, се поттикнуваат самоуништувачки наративи од типот „кој што поседувал“, „колку имал“, луѓето бркаат материјализам и некаков „статус“, наместо да се шират основни хумани и солидарни вредности. Па, поединецот, само за да биде прифатен од друштвото – ќе се приклучи кон ваквата „нормалност“.

„Медиумите често прикажуваат само еден калап во кој можеш да се вметнеш. Исто така, дел од клубовите кај што имаше свирки, сега се пренаменети за турбофолк. И, тоа си е живо, треба да коегзистираат двете страни, но, ова е комплетно угнетување на едната страна, за да може да живее другата. Алтернативната култура треба да е интегрален дел. Не е контра-култура, туку е дел од главната култура. На овие фронтови се создава културно развивање“, нагласува Мартин.

„Луфтанза“ на „Млади за Скопје“, фото: Младен Павлевски

Надминување на креативниот страв 

Дечките, на крајот, влеваат и оптимизам. Гледаат низ призма на своето друштво, она што примарно ги зближува. Музиката и другарството.

„Ако има некој млад што сака да креира, би порачал да ја оствари желбата во себе. Ако се плаши – треба да знае дека нема што да изгуби. Слободно да креира. Секој индивидуално да го надмине тој страв, за да може да функционира и колективот“, вели Иво.

Мартин посакува сите да се здружат, да покажат дека постои нов бран.

„Дека не сме само дечишта што прават музика, туку дека живееме во сра*ево! Дека сакаме да го правиме. Ова е повикот! Она што е најискрено! Младите се иднината на земјата. Се додека младите сметаат дека не постои свет и иднина во која не се гледаат себеси, во која тие не можат да просперираат, се’ повеќе нема да се верува во идејата. Се’ повеќе е она неверување дека може да се создаде нешто тука. Сите веруваат дека одговорот е ‘надвор од тука’. Повеќе би рекол дека е ‘надвор од нив’. Повеќе е како метафора. Сите излегуваат надвор од државата, бараат некој ‘излез’, наместо да бараат одговор во својата култура, во својот ум, кај нивните најблиски. Бидејќи, јас никогаш нема да бев она што сум да не беа моите пријатели. Истовремено, тоа е репроцитетно. Сите си даваме мотивација да твориме. Заедно. Сите некогаш ја имаме несигурноста во себе. Но, најлесно се надминува со другари и средина која те почитува“, констатира Мартин.

Бојан Шашевски