Само 9% се користела Националната платформа во онлајн наставата, покажа национално истражување

Само 9% од наставниците ја користеле Националната платформа за одржување на своите онлајн часови. Техничките недостатоци и нејзината нефункционалност се наведени како главни причини за некористењето. Од друга страна, пак, најголем дел од наставниот кадар, поточно 67%, ја одржувале онлајн наставата користејќи Мајкрософт тимс, покажа националното истражување „Далечинско учење или далеку од учење”.

Истражувањето е изработено од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој, во соработка со Фондација Конрад Аденауер во периодот од 25 декември 2020 до 15 јануари 2021.

„Позитивно во првото полугодие е тоа што далечинската настава се одвивала поструктурирано, по распореди со зголемена искористеност на дигитални алатки. Сепак, предизвиците се бројни односно не сите наставници имале техничка опрема и најчесто работеле од дома како и фактот што наставните програми им биле испратени неколку дена пред почетокот на годината што не оставило простор за подготовка” истакна Иван Јованов, еден од авторите на анализата.

Учениците, пак, се помалку задоволни од далечинската настава во првото полугодие на учебната 2020/2021 година во однос на минатата година. Само 35,9% од учениците дале многу добра или одлична оценка.

„Наставата од далечина со себе донесе предизвици не само во Северна Македонија, туку и во Германија и во целиот свет. Сите ние имаме можност да учиме едни од други и врз основа на постојани анализи да видиме во која насока можеме да се подобриме” изјави Даниел Браун, претставникот на фондацијата Конрад Аденауер.

Друг проблем кој истражувањето го покажа е дека евалуацијата и фидбекот се сеуште слаба точка во средното образование. Речиси и да нема училишта кои спроведуваат структурирана евалуација, а 30% од учениците никогаш не биле прашани за текот на далечинската настава.

Во него се наведува и дека спроведувањето на онлајн часовите не било до крај безбедно бидејќи кај 20% од учениците се случило лица кои не се дел од класовите да се вклучат и да бидат дел од други часови, додека 22% од учениците исто така се чувствувале небезбедни за време на далечинската настава и часовите.

„Потребно е да воведување на серија на мерки за зајакнување на далечинското учење но и генерално образованието. Пред се воведување на задолжителна евалуацијата на наставата, работни групи од наставници за адаптација на програмите, субвенции за компјутери за наставници, оспособување на Националната платформа, но и обуки за демократско учество и спречување на насилството за наставниците” изјави Илија Станковски, еден од авторите на анализата.

Демократијата и ученичкото организирање и во текот на далечинската настава не биле целосно спроведено при што во 12% од случаите не биле избрани раководства на одделенијата, а во 24% од случаите раководствата не биле избрани на докрај демократски начин, односно со интервенции на наставниците.