Драги Рашковски поднесе оставка од функцијата во Владата

Драги Рашковски на својот Фејсбук профил објави дека поднел неотповиклива оставка од функцијата Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти.

Рашковски, за кого во јавноста претходниов период беа објавени неколку информации кои фрлаа сомнеж за негова вмешаност во коруптивни постапки, во образложението наведува дека оставката ја поднесува за да го зачува достоинството и интегритетот.

„Кога политиката ќе стане погласна од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во сè да ја бара логиката. Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции“ стои во писмото на Рашковски до Заев.

Рашковски во Владата првпат се вклучи во 2017 година како Генерален секретар на Владата. Претходно работеше како професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.

Сомнителните постапки на Рашковски најавија дека ќе ги истражат од Јавното обвинителство и од Антикорупциската комисија.