ДПИ изрече забрана за работа на „Евротим“ поради отстапки во квалитетот на мазут

Надлежните институции продолжуваат со постапувањата во врска со случајот за увоз на мазут и нафтени деривити, за кого истражуваше ИРЛ, информираат од Владата.

Оттаму известуваат дека ги добиле резултатите од земените дополнителни мостри од складот за мазут во Ресен во сопственост на компанијата „Евротим ГДС ДООЕЛ Кичево“.

Од Владата истакнуваат дека според анализите, констатирано е дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел, се повисоки од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430.

Поради констатираните отстапувања на квалитетот на производот, од страна на ДПИ е донесено решение за забрана за промет на производот мазут кој е затекнат во складот на економскиот оператор „ЕВРОТИМ ДООЕЛ Кичево“, известуваат од Владата.

„ДПИ уште при првичните контроли на компанијата „Евротим ДООЕЛ Кичево “ ѝ изрече Решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут, затоа што тогаш кај две цистерни на компанијата, беа утврдени отстапки од граничните вредности на мазутот, што оваа компанија го увезува. Односно, параметрите за квалитет на мазут не одговараа согласно Правилникот за квалитет на течни горива. По задолжение од ДПИ, тогаш двете цистерни од кои се земаа мострите, беа вратени кај добавувачот, по што следуваа последните дополнителните анализи“, велат од Владата.

Веднаш по излегувањето на сторијата на ИРЛ, на предлог на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба ротив корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски во координација со министерот за економија, Крешник Бектеши, се задолжија сите надлежни институции да спроведат итни, вонредени и длабински контроли на целиот процес од увоз или производство до продажба на мазут и нафтени деривати.

По зададените владини задолженија, сите надлежни институции во рамки на дадените рокови, доставиле информации, секој во согласност на надлежностите. Од Владата информираат дека целата документација, со сите наоди од надлежните институции, веќе се доставени во Основното јавно обвинителство Скопје, за понатамошно процесурирање и постапување согласно нивните надлежности.

Институциите се подразбудија по наводите на ИРЛ дека во земјава се увезувал опасен мазут