[Подкаст] Мегафон: Секцијата за млади на ЗНМ – протест против состојбите во новинарството

„Младинската секција (при ЗНМ) не е само секција, туку е и протест против состојбите во медиумите. Само добро тренирани и високо мотивирани новинари можат да одговорат на својата работа во општеството. А, тоа е да бидат чувари на вистината. Новинарите имаат сериозна одговорност. Колку и да изгледа банално сето ова што се случува, кога граѓаните се нападнати од неважни информации, па притоа, не е ни чудно што професијата е нападната. Сепак, не бадијала не’ викаат седма сила. Ние сме единствените од редовите на немоќните кои имаме доверена моќ од граѓаните, од надзорниот одбор на општеството. Да бидеме нивните очи и уши! Ако не сме добро тренирани, ако не сме добро мотивирани, како ќе ја извршиме таа должност?“

Вака Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) ја објаснува потребата од Секцијата за млади на Здружението на млади на Македонија (ЗНМ). Идејата за секцијата е зачната уште пред некоја година, а сега веќе таа е официјално формирана и промовирана во јавноста.

Целта е да се афирмира новинарстото како атрактивна професија, од причина што денес има се’ помалку интерес за влез на млади луѓе во медиумите. Додека редакциите се соочуваат со сериозен проблем да најдат новинари, истражување покажа дека 62% од младите новинари добиваат плата под просечната, истовремено 54,5 од анкетираните би ја напуштиле професијата ако им се укаже прилика.

Цветковска, која е долгогодишен новинар и истражувач, во аудио подкастот „Мегафон“ зборува дека токму Секцијата на ЗНМ е сериозен проект произлезен од последиците на девастирачките ефекти од пропагандата. Од влијанието на разните центри на моќ, политичките или бизнис центри во медиумите.

„Се доведовме во ситуација кога повеќе не постои пазар на трудот во медиуми. Не постои факултет… Мислам, постои факултет за некакво новинарство, но резултатите од таа институција се очајни. Не ги знам луѓето кои таму предаваат, што точно прават и работат, меѓутоа не можам да разберам институција која повеќе од деценија не дала резултати, се’ уште да тера – како ништо да не било?! Срамно е да има катедра на новинарство каде се запишуваат 3 или 5 луѓе. Неатрактивноста на програмата се должи на две причини. Едната е нискиот квалитет и негрижата на акадамиците за тоа кои ќе бидат луѓето што утре ќе ги одгледаме, за на граѓаните да им бидат очи, уши и чувари на вистината“, забележува Цветковска, која е дел од Управниот одбор на ЗНМ.

Според неа, ако постои негрижа и нема свест ваквите проблеми, тогаш „јасни се работите“. Односно, вели таа, слободното новинарство не е само под закана на зликовците од бизнисот и политиката, туку иронично и под закана од оние што тоа треба да го спречуваат – акадамијата и интелектуалците.

Сашка Цветковска

„Оттука идејата да се позанимаваме со пазарот на труд. На оние што ќе им ја довериме одговорноста да ги обработуваат информациите, да ги преточат во анализи, стории, приказни, тие треба да се едни од најдобро подготвените луѓе во државата. Каков е сега нашиот статут? Имаме огромна дискрепанца меѓу платите на највисокиот менаџмент во медиумите, уредници и директори, спроти сите останати новинари“, потенцира Цветковска.

За неа нема сомнеж дека ситуацијата за младите е повеќе од лоша. Прво, вели таа, најголем дел од младите колеги што пристапиле во нивната Секција се пожалите дека се превработени.

„Не можеме да викаме ‘млади сте, ОК, секој ден ќе работите по 20 саати’. Се пожалија дека во нив не се инвестира, во вештини, унапредување… Не гледаат зошто би се надградувале во постоечките медиуми доколку не постои, јасна и прецизна, по мерит систем утврдена скала за напредување. Зошто некој би се вложил да работи во медиум? Прво, колегите го ризикуваат здравјето, својот живот во многу ситуации, губат драгоцени децении, 20-30 години. За што?! За потоа да бараат кариера на друго место, кога ќе биде веќе доцна?“, забележува таа.

Цветковска упатува критика и кон уредници во медиуми. Вакви позиции, посочува таа, се гарантирани или спонзорирани од центри на моќ. Главни уредници одат на „баци рака“ кај политичар, кај партија, или кај членови на стопанска комора, кои според Цветковска се едни од највлијателните во општеството и од една страна финансираат партија, од друга финансираат медиуми.

„Која е потребата млад човек да се надградува, кога знае дека постои полесна и поедноставна опција да го добие она што му треба?“, прашува Цветковска.

Самите медиуми не се атрактивни за да привлечат млади луѓе. Но, тие што сакат да бидат новинари и макотрпно се борат – ЗНМ сака тие луѓе да останат. Бидејќи, ако работите продолжат како и досега, Цветковска смета дека Македонија за 4-5 години може да остане без новинари на пазарот на трудот.

„Така што, формирањето на Секцијата е протест и против менаџментот. Протест против истите серија ликови, уредници, бардови. Секоја чест за исклучоците, но за жал се малку.  (Ваквите ликови) не ја пуштаат контролата, или замислената контрола на нештата. Не  дозволуваат да се развива пазарот на трудот, па ним им се удира работата од глава. На крајот на денот, не можете ниту пропаганда да правите ако немате новинари. Секцијата е апсолутен протест против овие луѓе“, вели таа.

Од првата презентација на младинската Секција на ЗНМ

Зборува и за квалитетот на информациите. И оние доброраскажаните. Само такви можат да допрат до луѓето, посочува Цветковска, па затоа и непрофитна организација како ИРЛ произведува такви содржини, истражувачки, документаристички и со висок квалитет.

„Одлучивме доколку немаме средства за најмалку 50 луѓе во редакција, кои ќе вклучуваат и нови професии што им се потребни на медиумите како дизајнери, аниматори, дата-тимови…  не би работеле дневно новинарство“, посочува истражувачката.

Повторува, во моментов медиумите зависат од неколку работи: парите од бизнисот, парите од владата и парите од меѓународната заедница. Особено, вели таа, третата е значајна за организации како МОФ или ИРЛ. Меѓутоа, загрижена e како се трошат парите и на странските даночни обврзници во Македонија.

„Убедена сум дека се потрошија десетици милиони евра на тренинзи на млади новинари. Што се случи? Сите направија копи-пејс тренинзи како претходните. (После) десет години, ова се резултатите од тие програми?! Мора и донаторите да размислуваат дали со својот ангажман успеваат да добијат резултати согласно стратешките цели на нивната држава и партнерите каде оперираат? Значи, проблеми и таму настанаа. Сите се преправаме дека се е ОК со некакви лажни тренинзи и конференции. Апсолутно не е во ред“, напоменува Цветковска.

Во моментов се прави истражување за да се утврдат потребите на новинарите. Таа очекува кон крајот на месецов да се случи првиот формален состанок, или работна група на младите колеги. Тие да учествуваат, дадат насоки, се организираат.

„Колегите се свесни дека борбата ќе биде долга, но што е другата опција? Таа е борбата, долга или кратка. Повик упатувам и до културните, филмските работници. Ако некој од локалните уметници сака да волонтира во локалната младинска Секција, да ни помогне да направиме добра кампања – ќе бидеме многу благодарни! Пари немаме, ама имаме многу енергија!“, потенцира Цветковска.

Бојан Шашевски