Камп за млади новинари: Дигитализацијата и професионалното известување како предизвик за младите новинари

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје од 13-ти до 16-ти јули 2022 година одржаа летен камп за млади новинари во Охрид.

Како што информираа од ЗНМ, целта на едукативната обука е преку дружење и размена на искуства и вештини да придонесе кон градење на капацитетите и унапредување на професионалните стандарди на младите новинари во редакциите. Клучен акцент беше даден и на подобрувањето на соработката на младите новинари со своите поискусни колеги во редакциите, како и потребата од континуирано новинарско формално и неформално образование.

Летниот камп го отвори претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој рече:

„Денес младите новинари се ставени пред уште поголеми предизвици, заради дигитализацијата на медиумите. Но, ако ја разгледаме од блиску оваа проблематика, од една страна навистина дава поголема слобода во смисла на пристап до информации, но од друга страна ако не се канализира како што треба , носи ризик од дезинформации, погрешно толкување на вести и информации, или со еден збор го доведува во прашање професионалното известување. Ова е моментот кој што треба сите да го препознаеме и да имплементираме искуство и млада сила која ќе направи промена. Да го прифатиме заедно предизвикот, бидејќи само така можеме да се движиме кон позитивни промени и да го вратиме новинарството онаму каде што му е местото со вистински професионалци кои гордо ќе застанат зад секој свој медиумски производ“.

Поздравно обраќање имаше и заменикот-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн:

„Новинарството игра многу важна улога во демократските држави, особено истражувачкото новинарство.  Сепак новинарството е тешка професија насекаде, и предизвиците во Северна Македонија се посебни, бидејќи има важен економски фактор – како што вие знаете подобро од било кој друг. Како резултат на тоа, премал е бројот на млади луѓе, кои се запишуваат на студии по новинарство во универзитети. Со цел да се спротивстави на овие негативни тенденции и во насока на стимулирање на интересот кај младите за професијата, кон унапредување на нивните професионални вештини, нашата Мисија, во партнерство со ЗНМ, го организира овој летен камп“.

Темите кои беа разработени и на кои се разви дискусија помеѓу учесниците и предавачите беа родовата еднаквост во медиумското известување, иднината на медиумите, искуства и пракса во раскажувачкото новинарство и новинарството во дигиталната ера.

Дел од учесниците во летниот камп се и членови на Секцијата на млади новинари при ЗНМ која беше формирана на крајот на 2021 година, чија цел меѓу другото е вмрежување меѓу редакциите, подобрување на социоекономскиот статус на младите новинари, надградување на вештините за напредно известување и почитување на стандардите во новинарската професија.

Оваа активност е продолжение на соработката на ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје кои во претходните години заедно беа активни на теми поврзани со безбедноста на новинарите и градење на капацитетите на ЗНМ.