Институциите се подразбудија по наводите на ИРЛ дека во земјава се увезувал опасен мазут

Опасно масло кое смее да се користи само од бродови на отворени води и од термоелектрани, и кое во Европската Унија е забрането во урбани средини, во земјава завршувало како мазут кој се користел од бројни државни институции за греење, но и од приватни компании. Ова се наводите кои беа изнесени во првата епизода на документарниот серијал „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Истражувачката сторија насловена „Заговор против воздухот“ предизвика огромни реакции во јавноста, но претставуваше и повод за една од главните точки на вчерашната владина седница, каде беа задолжени повеќе институции и инспекторати да се зафатат со работа и да ги истражат наводите на ИРЛ.

„Владата со загриженост и внимателност им пристапи на изнесените информации и ја потврди силната и одлучна заложба дека нема да има компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. Со цел расчистување на сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата, на предлог на заменикот-претседател во Владата задолжен за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси заклучи дека се неопходни брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации за случајот во согласност со надлежностите на секоја од институциите за увоз, трговија и контрола“, стои во соопштението од владиниот кабинет.

Па така, Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај кој го открија новинарите во ИРЛ. Или поконкретно, да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот, но и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен. Државниот пазарен инспекторат и Бирото за стандардизација и метрологија, со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати, од Владата беа задолжени да спроведат вонреден инспекциски надзор во компаниите кои увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива. Задача доби и Државниот инспекторат за животна средина. Тие ќе треба да спроведат вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.

Од задолжените страни, Владата побара веднаш да ги спроведат контролите, а информациите да им ги достават во рок од 14 дена, додавајќи дека редовно ќе ја информираат јавноста за сите нови информации поврзани со увозот на нафтени деривати за кои беа изнесени сомневања.

Но, освен ова, Владата го задолжи Министерството за економија да се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.

Еден од клучните проблеми во системот, како што се посочува во сторијата на ИРЛ е токму Правилникот за квалитет на течни горива. Во моментов, како што објавија од ИРЛ, Државниот пазарен инспекторат и Царинската управа се задолжени да го проверуваат само количеството на сулфур во увезените деривати, што е само еден од десетиците параметри кои можат да покажат каков мазут навистина се увезол. Оттука, за да се види дали нешто е опасно по здравјето или не, од ИРЛ потенцираат дека е потребно да се тестира на многу повеќе параметри освен сулфур.

Кога мазутот во една прилика бил тестиран на сите останати параметри, тој, според ИРЛ, покажал високи нивоа на вискозност, вода и пепел, што е многу штетно за квалитетот на овој мазут.

Оттука, од ИРЛ вчера ги повикаа граѓаните да испратат барање преку електронска пошта до министерот за економија за промена на овој Правилник.

Во истражувачката сторија, главната уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска објаснува дека најголемите клиенти на маслото кое се увезувало во Македонија, не биле македонските институции, туку поранешната „Фени индустри“ во Кавадарци, односно денешна „Еуроникел“.

Истовремено, еден од соговорниците од фирмата која го увезувала мазутот објаснува дека со мазут се снабдувала и фирмата „Брако“.

Сторијата изнуди реакција и на поранешниот вицепремиер за економија, бизнисмен и сопственик на компанијата „Брако“, Кочо Анѓушев. Цветковска вчера преку социјалните мрежи накратко соопшти Анѓушев против неа и ИРЛ најавил тужба, поради сторијата.

„Подготвени сме за сите предизвици“, потенцираше Цветковска.

Вчера со реакција се јави и Митко Јанчев, градоначалникот на Општина Кавадарци, на чија територија е лоцирана „Еуроникел“  кој побара од надлежните институции веднаш да реагираат и да се испитаат наводите изнесени во документарецот на ИРЛ.

„Со увоз на отпадно гориво кое е забрането во Европската Унија, а кое кај нас се употребува како мазут и се употреба, а знаејќи дека тоа има смртоносни последици, некој мора да сноси одговорност. Ги повикувам надлежните институции, министерот за економија, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за животна средина како даватели на интегрираната еколошка А-дозвола, Царинската управа и Инспекторатот за животна средина да ги испитаат изнесените информации и докази во емисијата и да постапат согласно своите надлежности“, изјави Јанчев.

Целосната сторија „Заговор против воздухот“ на Истражувачката репортерска лабораторија беше емитувана на Македонската Радио телевизија, како и на Јутjуб каналот на ИРЛ.

М.К.