Владата ја укина мерката за носење маски во затворено

Владата на денешната седница ја укина мерката за носење маски во затворени простории, освен во здравствените домови, аптеките, јавните превозни средства, односно автобус, воз, авион, такси, како и во установите за згрижување стари лица и лица со посебни потреби, информираше првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на Фејсбук.

Дополнително, тој посочи дека е одлучено учениците од средните училишта да следат настава со физичко присуство без задолжително носење заштитни маски, а истовремено и дека се укинува забраната за организирање екскурзии и настава во природа во основните и средните училишта.

Со донесените одлуки се дозволува работата со физичко присуство на лекарските комисии за утврдување на надоместоци за попреченост и комисиите за утврдување право на помош и нега од друго лице.

Одлуката на Владата доаѓа откако Комисијата за заразни болести препорача укинување на мерката за задолжително носење маски во затворено, со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз.

Укинување на маските во затворено, препорача Комисијата за заразни болести