Владата побара дополнителни анализи за задолжителните ПЦР тестови за невакцинираните од КОВИД-19

Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница побара дополнителни анализи и компаративни студии за мерките кои ги предложија од Комисијата за заразни болести за поттикнување на помасовна вакцинација.

Комисијата претходно побара нови мерки со кои вакцинацијата против коронавирусот ќе биде задолжителна за сите здравствени работници, додека сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа и институциите на работното место ќе мора да приложат потврда за најмалку една примена вакцина, потврда за прележан КОВИД-19, или негативен ПЦР тест кој ќе важи 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок.

„Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со КОВИД-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација. Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително“, соопштија од Владата.

Дополнително оттаму информираат дека ги задолжиле сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација.

„Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надокнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемиска болест КОВИД-19“, додаваат од Владата.