НУК бара укинување на задолжителната редарска служба во угостителските објекти

Од Независната угостителска комора бараат укинување задолжителната редарска служба во угостителските објекти. Редарската служба ќе врши контрола на приложување доказ за вакцинација при во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено.

Ваквата мерка ќе стапи на сила од 16 август.

Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски во реакцијата забележува дека угостителските објекти се јавни објекти достапни подеднакво на сите граѓани, домашни и странски гости и поголемиот дел од истите немаат услови да вршат деградација и селекција на вакцинирани и невакцинирани гости.

Тој надополнува дека донесената мерка е неприменлива и неспроведлива од страна на угостителите без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема.

„Ниту т.н. нови редари, ниту било кој инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност или овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на вакцинација со приложување на потврда за извршена имунизација“, се вели во реакцијата.

Од НУК велат дека медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација и согласно законот за заштита на лични податоци со исклучок на службено лице и/или овластено лице – лекар нема право никој друг да врши проверка или прибирање на оваа информација ниту да врши селекција односно дозвола за влез во јавен објект на граѓаните по основ на оваа состојба.

„Во моментов се’ уште согласно постојната важечка законска регулатива вакцинацијата е изборно право на секој граѓанин и не е задолжителна и како такво истата не смее да биде услов за нормално движење, работење и слобода на уживање на човековите права ниту услов за влегување во јавен објект и користењето на услугите на јавниот објект како што се угостителските објекти. Со оваа одлука неприфатливо е угостителските објекти да се ставаат во улога на експериментален филтер за да провери дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира на вакцинирани и невакцинирани“, се вели во реакцијата.

Од НУК бараат закажување на седница, каде ќе се укине одлуката со која се забранува посета и влез на невакцинирани и угостителски објекти.

„Угостителите досега ги почитувале и спроведувале сите реални и неопходни препораки и протоколи за работа на угостителските објекти без разлика дали тие кореспондирале со тековните состојби, но оваа одлука не може да биде испочитувана и спроведена без да се нарушат повеќе човекови права и да се прекршат повеќе закони, поготово законот за заштита на личните податоци“, се вели во реакцијата.

Претседателот Јосифовски вели дека ќе биде првиот сопственик на угостителски објект кој ќе го затвори локалот за посета и работа, бидејќи како што вели тој, угостителите немаат ниту услови, ниту можности за вработување на кои ќе вршат селекција на гостите по основ на тоа дали истите се вакцинирани или не.