[Видео] Со камења нападнати демонстрантите на протестот против францускиот предлог

Демонстрантите на петтиот ден од протестот против францускиот предлог во Скопје беа нападнати со камења од група луѓе кои се наоѓаа на плоштадот „Скендерберг“. Некои од демонстрантите возвратија со камења, а инцидентот траеше околу 10-тина минути.

Меѓу групата луѓе која фрлаше со камења кон демонстрантите, од МВР велат дека имало лице кое испукало со пиштол во воздух, додавајќи дека лицето потоа било приведено.

„Вечерва во 20.10 часот пред банка спроти споменот Скендербег, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата на Република Северна Македонија кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани“, стои во соопштението на МВР.

Петтиот ден од протестите започна како и претходните, пред Владата, а беше предвидено да се маршира до Собранието, но пред тоа како точка за протест беше наведено и Министерството за надворешни работи.

Демонстрантите не се задржаа кај Министерството за надворешни работи, како претходниот ден, а се упатија кон Собранието. Кај Собранието, но и кај Владата денеска пак, немаше поставена бина и немаше говорници на протестот.

Кај Собранието демонстранти донесоа и банер на кој беа прикажани пратеници од актуелниот парламентарен состав, а потоа беше запален. Во неколку наврати демонстрантите фрлаа со јајца, петарди, но и димна бомба.

Во меѓувреме настана и судир помеѓу демонстрантите, веднаш откако одредена група демонстранти фрлаше со предмети кон Собранието. Пред Собранието денеска беше поставена и двојна ограда која беше поврзана со метални клучови.

Помали групи демонстранти го напуштаа просторот пред Собранието, а околу 22 часот протестот веќе заврши.

За време на вчерашниот ден, протестите ескалираа, а тоа резултираше со 47 повредени полицајци и 11 приведени демонстранти. На протестот имаше судири помеѓу полицијата и демонстрантите, беше пробиена оградата кај Собранието, а од МВР соопштија дека биле оштетени прозорците и фасадите на Владата, МНР и Собранието.

[Видео] 47 повредени полицајци и 11 приведени демонстранти – ескалираа протестите против францускиот предлог

Мартин Колоски