[Видео] 47 повредени полицајци и 11 приведени демонстранти – ескалираа протестите против францускиот предлог

47 повредени полицајци, од кои 11 потешко и двајца сериозни повредени, но и 11 приведени демонстранти е билансот од четвртиот ден од протестите против францускиот предлог. МВР соопшти и дека биле констатирани повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од демостранти кои фрлале со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства кон објектите и кон полицајците.

Протестот започна пред Владата како и претходните денови, но денеска се маршираше до Министерството за надворешни работи (МНР), а потоа и до Собранието.

Демонстрантите кога стигнаа до МНР почнаа да фрлаат со јајца и други предмети кон зградата, а се фрлаа и петарди, но и димни бомби. Оттаму набрзо се упатија и кон Собранието.

Пред Собранието беше поставена бина каде се обратија повеќемина говорници. За време на последните две обраќања, група демонстранти дофрлаа и негодуваа кон говорниците, а друга група демонстранти скандираше „Ова не е пикник“.

Набрзо потоа, демонстрантите ја пробија оградата на Собранието, а дел од нив се најдоа во дворот на институцијата. Од пред Собранието, но и од дворот на законодавниот дом демонстранти фрлаа со различни предмети кон зградата и кон кордонот полицајци кој стоеше пред Собранието. Меѓу демонстрантите се појавија и такви со качулки.

Тензијата траеше околу 30-тина минути, а потоа реагираше и полицијата која го разби протестот и ги растера демонстрантите кои се наоѓаа во дворот, но и на улицата.

По ова, на моменти имаше судири помеѓу полицијата и демонстрантите, а во паркот Жена Борец, но и на улицата пред Собранието беа уапсени неколку демонстранти.

На протестот се појави и свештеник во мантија кој побара од полицајците да бидат ослободени уапсените млади момчиња.

Последната помала група демонстранти се разотиде од пред Собранието нешто пред 23 часот, а во меѓувреме се повлекоа одреден број полициски службеници. Од неколку страни на улицата пред Собранието, но и во самиот двор остана одредена бројка полицајци кои го обезбедуваа местото.

По протестот, МВР соопшти дека има пријава за оштетувања на прозорците и фасадите во три објекти: Владата, МНР и Собранието.

„Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило“, се вели во соопштението од МВР.

Дополнително, оттаму потврдија дека се приведени 11 лица, и додаваат дека за време на протестите полицијата не употребила ниту пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.

Дел од опозициските партии тврдат дека имало прекумерна употреба на сила и биле втурнале луѓе што не се дел од демонстрантите.

Вчера во Скопје, на третиот ден од протестите против францускиот предлог беа пробиени оградите кај Владата и Собранието, а кон двете институции демонстрантите фрлаа различни предмети.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно соопштија дека во периодот од 19 часот до 22 часот и 10 минути, вчера, биле констатирани неколку нарушувања на јавниот ред и мир. Нешто пред 17 часот било запалено знамето на Европската Унија пред Владата. Околу 19 часот и 35 минути пак, дел од учесниците на протестот фрлале со разни предмети и пиротехнички средства кон објектот на Владата, а дел од нив ја оштетиле и уништиле заштитната ограда, додаваат од МВР. За време на протестот биле повредени четири полициски службеници.

Францускиот предлог предизвика поделени мислења и реакции од повеќе страни. Противниците на предлогот сметаат дека со него се загрозени македонските национални позиции, додека македонските власти го негираат тоа.

Мартин Колоски