Протест на Конфедерацијата на слободни синдикати на 30 март, бараат покачување на бодот на вработените во јавниот сектор

Гранските синдикати и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) најавија протест на 30 март (среда) пред Собранието, а се заканија и со генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања.

Оттаму бараат усогласување на другите плати со минималната плата во јавниот сектор, односно покачување на бодот на вработените во јавниот сектор.

„Проблемот ќе се реши, од 2016 година или 2018 година е последното покачување на бодот кој во тој период беше 77.5 денари, е покачен само за 5%, а тоа е 81.6 денари. Бараме Владата да го покачи бодот за онолку проценти за да можат платите во јавниот сектор да бидат оние коишто треба со минималната плата, а на другите да се задржи распонот на разликата помеѓу плати на останатите вработени“, изјави претседателот на КСС Благоја Ралповски.

„Минималната плата стапи во сила веќе знаете од 1 март. Она што беше во законот за скалесто покачување на платите на крајот, од Економско социјалниот совет не стигна во Собрание, така да и не се донесе. Беше тргнато од законот, минималната плата требаше да се покачи, ние дадовме цврста поддршка на Сојузот на синдикати на Македонија, но не можеме да дозволиме понатамошно манипулирање со јавноста и со членството околу скалестото покачување на минималната плата“, рече Ралповски.

Според него, речиси половина од вработените во јавниот сектор земаат минимална плата, а дел од нив и под минимална плата.

„Се обидуваат со најразлични манипулации со Закон за административни, ќе се покачеле бодовите на една категорија, на друга нема да се покачеле со Закон за наставници, ете да купат време, да ја манипулираат и јавноста и членовите и вработените во јавниот сектор дека ќе се покачат платите, тоа не е точно. Времето истече, денеска сме 23 март, веќе нема ни време за ребаланс на буџетот, па затоа дел од гранските синдикати и КСС донесоа одлука да излеземе првично на улица“, вели Ралповски.