Синдикатите со блокада во Скопје порачаа: Или одлука за минималната плата, или штрајк

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) попладнево со протест го блокираше центарот на Скопје, пред седиштето на Организацијата на работодавачите и Стопанската комора преку кој бараат да се зголеми минималната плата на 18.000 денари, скалесто зголемување на сите плати и платен регрес за сите работници во јавниот сектор.

Оттаму најавија дека ќе стапат во штрајк доколку не бидат прифатени нивните барања, за кои во 16 часот ќе се дискутира на Економско социјалниот совет во Владата.

„Од ова нема отстапка“, порача Дарко Димовски, претседател на ССМ.

„Како што ветивме, така и исполнивме. Еве сме денес лице в лице со работодавачите, со оние кои не сакаат да се грижат за работникот, за оние кои го сметаат работникот дека е роб. И покрај тоа што е роб, не му даваат дури ни леб да јаде. Тоа го покажува минималната потрошувачка кошничка, која во моментов изнесува 35 000 денари. А, ние што земаме, 15 000 денари. Доволно е тоа? Затоа, господо работодавачи газди, освестете се додека имате време.“, истакна тој пред насобраните.

Од ССМ ги повикаа надлежните да ја слушнат нивната порака за егзистенција. Упатија и апел до Владата и до Државниот инспекторат да постапуваат по нерегуларностите што работниците ги пријавуваат.

„110 000 работници се пријавиле дека примаат минимална плата од 15 000 денари“, посочи Димовски.

Инаку, ова е втора средба на Економско социјалниот совет откако пред два дена, на иста маса седнаа работодавачите, владата и синдикатите, но не најдоа заедничко решение. ССМ тогаш реагираше дека работодавачите во последен момент побарале да се смени методологијата за пресметка на минималната плата.

Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајковска изјави дека очекуваат предлог и од владата дали ќе бидат прифатени нивните идеи, како и дека очекуваат компромис помеѓу сите три чинители.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи тогаш рече дека наскоро ќе има консензус околу покачените минимални плати. Исто така, тој изјави дека единствениот начин како да се стигне до достоинствена плата е креирање систем што е голгорочен.

Покрај преговорите кои се одвиваат во владата, за на 10 февруари е закажана собраниска седница за измените на Законот за минималната плата. Според измените кои се во согласност со барањата на ССМ, висината на минималната плата не смее да биде пониска од 60 проценти од просечната исплатена нето-плата во последните три месеци, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

Од ССМ најавија собир на 10-ти февруари пред Собранието со почеток во 11 часот за како што велат, поддршка на пратениците веднаш да го изгласаат законот.

Мартин Колоски