Синдикатите се заканија со штрајк ако во среда не се донесе одлука за минимална плата од 18.000 денари

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) се закани со штрајк, доколку во среда на Економско социјалниот совет не се постигне договор за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски по вчерашната средба во владата посочи дека не се задоволни од средбата, во однос на нивните барања за покачување на минималната плата и скалесто зголемување на сите останати плати во државата, како и регрес за сите работници во јавниот сектор.

„Единствена светла точка од денешните преговори беше што закажуваме Економско социјален совет во среда, каде што ќе се разговара на трипартитно ниво, помеѓу синдикатите, работодавачите и владата. Како Сојуз на Синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот ‘ќе’, туку ‘кога’ и ‘колку’, за тоа малку сум револтиран од страна на односот од нашите социјални партнери, но во среда битката продолжува“, рече тој.

Димовски посочи дека штрајкувачките одбори веќе се направени, односно дека седниците на претседателството и на советот не се затворени и дека уште заседаваат.

„Подучени од овие игри на нашите социјални партнери во минатото каде што во најскоро време ќе излеземе на штрајк, но притоа не ја исклучуваме можноста да изразиме и други притисоци на незадоволство како што е протест, блокирање на раскрсници, фабрики, институции…“, додаде Димовски.

Претставници од владата претходно во повеќе наврати посочија дека ќе има зголемување на минималната плата, но во вториот квартал на годината.

Од кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи посочија дека минималната плата ќе продолжи да расте и дека системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни.

Во меѓувреме министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска рече дека дијалогот почнува во среда, кога ќе се одржи и првиот состанок на Економско социјалниот совет.

„Нашиот став е дека преку преговори за минималната плата во кои ќе учествуваат Владата, работодавачите и работниците со факти и аргументи треба да дојдеме до решение кое е добро за сите засегнати страни. На овие состаноци ќе го отвориме и прашањето за промена на критериумите за минималната плата“, рече Тренчевска.