Од март минималната плата ќе се покачи на 18.000 денари, договори Економско социјалниот совет

Минималната плата од март ќе се покачи на 18.000 денари, ова е една од одлуките која произлезе од Економски социјален совет, на кој вчера учествуваа претставници од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Владата и Организацијата на работодавачи.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски изјави дека донеле одлука за минималната плата која изнесува 62% од просечната плата.

„Исто така, сакам да напоменам дека ќе има доследна примена на членот 8 од минималната плата, каде што вели дека сите останати плати, согласно законите, коефициентите и колективните договори ќе се зголемат, значи не е добивката денеска само минималната плата, туку и зголемување на сите останати плати, согласно колективните договори и законите. Одиме понатаму, денеска сум многу задоволен од овој ЕСС, продолжуваме во борбата за третото прашање, регрес или К-15 за јавниот сектор, ќе се отвори и таа дебата на ЕСС“, рече Димовски.

Претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска изјави дека ја поздравуваат одлуката на Владата за зголемување на минималната плата.

„Истовремено мора да кажеме дека ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап, од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и дополнително да излеземе со став на членството по однос на реперкусиите на минималната плата врз нивното работење и врз процесите на продуктивно работење во иднина“, рече Трајкоска.

„Како што вети и синдикатот, работниците дополнително, како задоволни од минималната плата, ќе придонесат за зголемување на продуктивноста, од таа причина очекувам да останат достојни на својот збор и да придонесат за попродуктивно работење, за посреќна иднина на сите нас и за поуспешни услови на функционирање во оваа држава“, додаде таа.

Според премиерот Димитар Ковачевски со најновото покачување на минималната плата, 80.000 граѓани ќе бидат извлечени над прагот на сиромаштијата.

„Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата. Очекуваме оваа мерка да влијае позитивно и на останатите плати во сите други индустрии, со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани“, рече Ковачевски.

Во Собранието претходно беше закажана собраниска седница за на 10 февруари за измени на Законот за минималната плата, според кои висината на минималната плата не смее да биде пониска од 60% од просечната исплатена нето-плата во последните три месеци.

Сојузот на синдикатите на Македонија претходно најави дека ќе одржат голем собир пред Собранието на 10 февруари кога законот треба да влезе во собраниска процедура, но и дека ќе организираат блокади на фабрики, институции и патишта како притисок за да се изгласа законот.

Минатиот петок тие одржаа и предупредувачки протест пред седиштето на Организацијата на работодавачите и Стопанската комора, од каде побараа зголемување на минималната плата скалесто зголемување на сите плати и платен регрес за сите работници во јавниот сектор.

Синдикатите со блокада во Скопје порачаа: Или одлука за минималната плата, или штрајк