[Видео] Тензии на протестите против францускиот предлог – пробиени оградите кај Влада и Собрание

Јајца, пластични шишиња, тоалетни хартии и други предмети завршија на зградите на Владата и Собранието во Скопје на третиот ден од протестите против францускиот предлог, за решавање на спорот помеѓу С. Македонија и Бугарија. Оградите кај двете институции беа пробиени, на протестот кој е поддржан од неколку опозициски партии.

Протестот започна во 19 часот, како и претходните два дена, а од бината поставена на улицата пред владината зграда се пуштаа народни песни. По половина час, на бината се појави и популарниот македонски пејач Ламбе Алабаковски кој ја испеа македонската химна, а потоа беше поздравен и со аплауз.

Неколку минути подоцна, додека Алабаковски изведуваше една од неговите песни, демонстранти почнаа да фрлаат со различни предмети кон Владата. Оградата набрзо беше пробиена од повеќе страни, а десетици демонстранти се најдоа во дворот на Владата, каде беа пречекани од кордон полиција.

„Никогаш Северна, само Македонија“, „Татари“, „Оставка“, се извикуваше пред Владата. Во меѓувреме се пееја и патриотски песни.

Некои од демонстрантите им нудеа бели цвеќиња на полицајците. Откако тензијата пред Владата се смири, помала група демонстранти се упати кон Собранието. Оградата и таму беше пробиена, а демонстрантите исто фрлаа со различни предмети.

Кордон полиција, откако демонстрантите се разотидоа од просторот кај Собранието се упати и кон Министерството за надворешни работи, но таму беше мирно и не се протестираше.

Во меѓувреме пак, кордон полиција пред Владата со спуштени штитови, и после 2 часа, ја чуваше владината зграда, а во дворот во моментот имаше помала група демонстранти. Останатите луѓе се наоѓаа на улицата. Некои од нив во близина на автомобилите паркирани на улицата, други на столици, но и на лежалки и во неколку шатори.

На самата раскрсница пред владината зграда пак, полицијата ги проверуваше личните карти, но и багажниците на луѓето кои со автомобили сакаа да се приклучат на протестот.

фото: Радио МОФ

Протестите се организираат против новиот француски предлог кој беше испратен до македонските власти пред неколку дена. Владата посочи дека започнува широк консултативен процес со сите засегнати страни. Во меѓувреме, предлогот предизвика многу поделени мислења и реакции од повеќе страни. Противниците на предлогот сметаат дека со него се загрозени македонските национални позиции, додека македонските власти го негираат тоа.

Мартин Колоски