„Менуваме“ најави протестен марш за 20 ноември, бара 30% повисоки надоместоци за попреченост

Под мотото „15% не, 30% да, стоп за енергетска, здравствена и социјална сиромаштија“, Коалицијата „Менуваме“ на 20 ноември од 12 часот најави протестен марш од Влада до Собрание.

Со соопштение до јавноста „Менуваме“ вели дека е време за остварување на правата на еднаквост, достоинствен живот и активно вклучување во целокупниот економски, културен, општествен живот на лицата со попреченост.

„Нам овие права ни се гарантирани согласно сите меѓународни конвенции и Уставот, меѓутоа поради невидливост во системот, остварувањето на овие права не е прилагодено на нашите потреби и можности, како лица со попреченост. Време е за поголема инволвираност во системот, бидејки според сите Конвенции, ЕКЧП, прашањето на попреченоста е и политичко прашање со цел лицата со попреченост и нивните семејства  да останат во фокусот на јавноста, и да наметнеме приоритети на Влада и Собранието“, стои во соопштението.

По одржаните претходни протести и барањата во однос на додатоците, велат од „Менуваме“, Владата во буџетотт вметна покачување на 15% на додатоците за попреченост.

„Коалицијата ‘Менуваме’ го поздравуваме чекорот на Владата, но во услови на пандемија, енергетска криза, здравствена сиромаштија и социјална сиромаштија – бараме веднаш наместо 15%, 30% да се покачи додатоците за попреченост, а во следните 2 години да се изедначи со минималната плата во Македонија“, соопштува Коалицијата.