Собранието даде зелено светло за францускиот предлог за преговорите со Европската Унија

Пратениците во Собранието ја усвоија Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, по три ден расправа.

На седницата, кон информацијата, пратениците со 68 гласа „за“ и без „против“ или „воздржани“ ги одобрија предлог-заклучоците на пратеничката група на СДСМ, кои се однесуваат за заштита на јазичните, идентитетските, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица пред самото гласање ја напуштија седницата.

Пред Собранието пак, луѓе со свирчиња, знамиња и транспаренти на кои пишува „Не“, со свирежи и скандирања од пладне протестираат против францускиот предлог, а во меѓувреме во живо се пренесува собраниската седница. Дел од демонстрантите се наоѓаат и под сенките во Жена Парк. Демонстрантите ги следат говорите на пратениците, а меѓу говорите се слушаат аплаузи или негодувања, во зависност од ставот на пратениците, „За“ или „Против“ предлогот.

фото: Радио МОФ

Последните три дена во тензична атмосфера се одвиваше дискусијата на 81-та седница на која единствена точка на дневен ред беше францускиот предлог.

За време на обраќањата на пратениците од владејачкото мнозинство, опозициските пратеници со извици, свиркања и вувузели ги опструираа нивните говори. Од собраниската говорница пак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница го кинеа и палеа францускиот предлог.

Седницата помина со вербални конфликти, навреди, но и меѓусебни обвинувања, од опозициските пратеници за предавство, а пратениците од владејачките партии ги обвинија опозиционерите за кочење на евроинтегративниот процес на земјата.

Два дена претходно, пред почетокот на обраќањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и пред почетокот на седницата, стотици граѓани се собраа пред собраниската зграда. Во еден момент група демонстранти почна да фрла со јајца и тоалетна хартија, но и со тврди предмети, за што од МВР соопштија дека биле приведени пет лица

Протест се одржа и вчера, уште на почетокот на седницата во 11 часот, каде помала група граѓани беше собрана пред Собранието.

Европскиот предлог го размрда македонското општество

Незадоволните граѓани и опозициските партии тврдат дека со предлог се загрозува македонскиот јазик и идентитет, а функционери од македонската Влада пак, постојано ги негираат овие обвинувања и тврдат дека македонските национални позиции се зачувани.

Предлогот на Француското претседателство со ЕУ предизвика неколкудневни протести, кои ескалираа во неколку наврати.

Мартин Колоски
Фото: Бојан Шашевски