Нова расправа на пратениците за францускиот предлог, додека пред Собранието најавен нов протест

Во законодавниот дом веќе трет ден треба да продолжи расправата по Информацијата за содржината на Предлог прегоравачката рамка за пристапните преговори, предложена од Претседателството на Франција со Советот на ЕУ. Истовремено, пред Собранието од 12 часот е најавен нов протестен собир.  

Како што е предвидено во Собранието, уште тројца од вкупно 42 пријавени пратеници, имаат право на збор. Потоа Собранието треба да одлучува за Информацијата.

Собраниската дебата за т.н. француски предлог изминативе два денови се одвиваше во тензична атмосфера, со жестоки зборови меѓу пратеници од власта и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараат отфрлање на овој предлог, кој, според нив, води кон асимилација и бугаризација. Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, тврдат дека преговарачката рамка нуди неповредливост на македонскиот јазик и идентитет и почеток на преговорите со ЕУ.

Пред законодавниот дом, пак, деновиве беа поставени шатори, а демонстранти протестираа против францускиот предлог. За денеска на пладне е најавен нов собир.

„Како што заеднички и обединето протестиравме изминативе две недели, ве повикуваме на последниот ден, во што поголем број, во 12 часот пред Собранието на Република Македонија“, стои во повикот на протестот.