Европскиот предлог го размрда македонското општество

Протести, ескалации, судири, обвинувања, прес-конференции, средби, соочувања. Предлогот на Француското претседателство со Европската Унија кое заврши на 30 јуни за одблокирање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, продре длабоко во македонското општество на почетокот на јули и продолжува да биде актуелна тема.

На маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни и формално беше одбиен првичниот францускиот предлог, со зборовите на премиерот Димитар Ковачевски „во оваа форма е неприфатлив“.

По искажаниот став „Не“, на самиот крај од француското претседателство, поточно на 30 јуни, абер пристигна од Емануел Макрон кој најави дека „можеби е најдено компромисно решение“. Тој направи увертира за новиот „модификуван“ предлог за решавање на спорот помеѓу двете држави.

„Започнуваме широк консултативен процес со сите страни за новиот француски предлог“, најави Ковачевски, уште истата вечер, пред предлогот и официјално да биде објавен.

Широките консултации кои ги најави Ковачевски започнаа уште следниот ден, кога предлогот и се најде на владината веб-страница, но многумина, накратко сè уште нема пристап до него, бидејќи веб-страницата не функционираше.

„Ковачевски на средба со дипломатскиот кор“, „Ковачевски на средба со граѓанскиот сектор“, беа дел од соопштенијата на владината прес-служба кои пристигнуваа до медиумите. Ковачевски се сретна и со лидери на партии, но и со претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел.

Уште за време на викендот беа најавени „сенародни протести“, на кои повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој смета дека модификуваниот предлог е всушност ист, односно дека во него се променети неколку зборови. Партијата Левица во меѓувреме исто така повика на протест, „против бугаризација на Македонија“. Набрзо на социјалните мрежи масовно почна да се шират повици за протестот.

Со почеток во 19 часот, со патриотски песни и скандирања, но и неколку говорници, два дена, во мирна атмосфера илјадници граѓани го изразуваа револтот против францускиот предлог. На третиот ден од протестите кои станаа познати и по транспарентот кој се забележуваше на протестите – „Ултиматум, не благодарам!“, ситуацијата ескалираше, протестите продолжија тензично и резултираа со оштетувања на институциите каде се протестираше, приведени демонстранти и повредени полицајци. Од опозицијата тврдат дека властите уфрлиле провокатори, како и дека насилството е сценарио на власта.

Последниот протест помина во мирна атмосфера, а истовремено беа најавени и блокади на патиштата низ земјата. Според последните најави, протестите продолжуваат во недела.

Незадоволните граѓани и опозициските партии тврдат дека со „модификуваниот“ предлог се загрозува македонскиот јазик и идентитет, поради Протоколот кој сè уште не е објавен, и покрај најавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи, но и поради членот 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија кој е вметнат во Преговарачката рамка за македонскиот пат до ЕУ.

Функционери од македонската Влада пак, постојано ги негираат овие обвинувања и тврдат дека македонските национални позиции се зачувани.

Во меѓувреме, некои од помалите партии како ДОМ, ЛДП и Демократски сојуз ја условија поддршката на предлогот.

Овие три партии бараат сите документи, вклучувајќи го и протоколот, кој сè уште не е објавен, да бидат преведени на македонски јазик и објавени и достапни за целата јавност. Но и предлогот да оди на пленарна седница на Владата. Оттаму посочуваат дека за нив е неприфатливо доколку билатералните прашања врзани за историјата и образованието бидат дел од преговарачкиот процес.

Протоколот да биде објавен се бара и во заедничката реакција, која неодамна ја објавија Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Институтот за европска политика – Скопје, а е поддржана од неколку организации и индивидуалци.

Дополнително, оттаму побараа Владата да одговори како во модифицираниот предлог е заштитен македонскиот идентитет, какви гаранции обезбедила Владата за да го заштити македонскиот јазик, зошто владата смета дека ова е „последна шанса“ за евроинтегративниот пат, но и кога и со кои политички субјекти Владата постигнала согласност за промена на Уставот. Истовремено, оттаму побараа да се објави и претходниот предлог, односно работната верзија на првичниот француски предлог.

Францускиот предлог, односно предлог-преговарачката рамка со Европската Унија стигна до Собранието, за разгледување и донесување понатамошни заклучоци. Веќе од понеделник ќе се знае кога предлогот ќе дојде на ред во Собранието.

Приклучувањето на земјава кон ЕУ е на агендата на идното проширување на Европската Унија од 2004 година. Една година подоцна претседателството на Европскиот совет ѝ додели статус на кандидат за членство во ЕУ. Еден од најголемите проблеми за започнувањето преговори со ЕУ беше спорот со името, кој се надмина откако државата го промени името во 2019 година. Потоа, земјава се соочи со уште една пречка, откако токму Франција го спречи отворањето на пристапните преговори. Актуелната пречка за отпочнување на разговорите за членство во ЕУ е спорот со Бугарија, кој Европската Унија претендира да го реши со францускиот предлог.

Мартин Колоски