„Собирите да не завршат само со слики на Фејсбук“ – младите сакаат да се вклучат во климатска акција

„Како што рече Грета Тунберг, ‘наместо бла, бла, бла, конечно треба да преминеме кон реална акција’. Во однос на амбициите, нашето прво барање е значајно учество на младите во донесување одлуки и дефинирање на целите на секоја земја. Под ‘значајно’ подразбираме крај на собирите кои завршуваат со убави слики на социјалните мрежи. Наместо тоа, сакаме барањата за климатско планирање да бидат вклучени во законите на локално, државно, па и глобално ниво“, рече денеска 19-годишната Ангела Бушеска, говорејќи на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје.

Самитот имаше цел да отвори дијалог меѓу младите и претставниците на националните институции на теми поврзани со климатска акција. На Самитот говореа повеќе функционери и амбасадори, додека Бушеска се вклучи со видео за да ги пренесе пораките на младите од „Youth4Climate“ од Милано, каде таа беше делегат-претставник од Македонија.

Околу 400 млади луѓе од над 180 земји во Италија подготвуваа декларација со младински барања, во очи на 26-та Конференција на ОН за климатски промени (COP26) што ќе се одржи во Глазгов. Во скопскиот Самит, пак, предвидено е да се изработи локална младинска климатска декларација, со повик до донесувачите на одлуки за создадат повеќе можности и простор за младите да се вклучат во климатската акција.

Оттука, Бушеска ја пренесе потребата за градење капацитети и се поголеми инвестиции. Младите треба да бидат се’ погласни и погласни, вели таа, а тоа резултира со финансирање.

„Светските организации, државите и приватниот сектор мора да ја зголемат довербата во младите. Да не бидам само ‘младата девојка која се буни за нешто“, туку, напротив, да се обезбеди финансирање за активностите за младите. Во однос на ‘одржливото закрепнување’, барањето на младите од светот, но и на тие од тука, е енергетска транзиција и зелени работни места, со акцент на заедницата кои најмногу ќе бидат погодени од климатските промени“, нагласи таа.

Колку и да работиме, потенцира Бушеска, знаеме дека огромна штета е направена. Тоа сите го кажуваат во своите извештаи. Но, потребен е локален и глобален план за адаптација.

„Некогаш самата природа дава решенија за проблемите што човекот ги создава. Па, затоа треба да се слушне гласот на локалните луѓе при креирање финални решенија. Како млад човек кој 20 години живее во туристичко место, мојата родна Струга, треба да се заштитат местата и земјите кои зависат од туризам за опстанокот“, рече таа

Младите активисти, вели таа, даваат поддршка и на младите иноватори, спортисти, музичари и артисти. Бараат од приватниот сектор, со акцент на секторот за производство на храна и облека – да ги намали своите емисии во синџирот за снабдување, а воедно и транспарентно да го комуницира својот негативен импакт.

„Од државните власти, пак, бараме одговорност за приватниот сектор, но и мотивација за граѓаните да купуваат локално. Најважното е целосно отфрлање на фосилните горива, со рок до 2030. Не смее да има инвестирање во фосилни горива или за нивно лобирање“, потенцираше младата Бушеска пред присутните.

Во однос пак на „климатско освестено население“, младите бараат колаборација и континуирано образование, базирано на науки. Бушеска прашува, ако не ги знаевме опасностите од корона вирусот, дали ќе преземавме мерки?

„Секако дека не. Истото се случува и со климатските промени. Затоа крајно време е климатските промени да станат дел од образовниот процес. Ама, не само во училиштата, и не само за новите генерации, туку и во секоја јавна и приватна институција. Последното барање е едноставно. Покрај вестите за политика, ковид и инфлуенсери, медиумите мора да ја пренесуваат итноста за климатските криза“, порача Бушеска.

Што бараат учениците од Македонија?  

На Самитот во Скопје присуствуваа ученици од повеќе градови од Македонија. Марко Доневски скопската гимназија „Орце Николов“, смета дека младите се недоволно вклучени во политиките за климатски промени. Додека се во школо, вели тој, никој ништо не ги прашува како можат да придонесат, ниту имаат некакви семинари или обуки како да ја чуваат околината.

„Образованието ни е сведено на стриктно учење предмети и многу малку внимание се дава на климатските промени и загадувањето. Треба да има некакви клубови што би ни овозможиле да дадеме наши идеи и предлози. Еве, пример, во ‘Орце Николов’ имавме проект, поврзан со Фонд за иновации, каде зборувавме како може училниците преку магнетна индукција да ги осветлиме, што би се намалил трошокот на струја и сл. Затоа се потребни повеќе вакви настани“, вели тој за Радио МОФ.

Средношколката Ева Стојчевска смета дека климатските промени зависат токму од младите. Според неа, тие што се на позиција зборуваат дека ќе направат нешто, но упорно не прават ништо. И, оттука, не се гледаат резултати.

„Затоа се чувствувам дека се’ зависи од нас. А, не можеме ние да се вклучиме во борбата против климатските промени ако немаме образование. Како ќе сме свесни, ако не знаеме што се случува? Климатските промени треба да бидат во формалното образование, да се учат од најмала возраст, со тоа што мора да разбереме за последиците за наредните осум години, бидејќи тие се фатални. Тоа е повеќе наша иднина, отколку на возрасните. Ние ќе живееме во тој ‘постапокалиптичен свет’“, вели Стојчевска.

Александра Тасевска, пак, бара воведување поголема волонтерска работа во школите.

„Мислам дека многу повеќе ќе се вклучат средношколците, ако преку школо имаме директно обезбедена работа. На пример, секој ден после школо да се собира ѓубре. Или била каква помош на заедницата. И, да се подигнува свеста“, потенцираше таа.

И функционерите се „за климатска акција

На Самитот, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изјави дека никој подобро од младите не ја разбира климатската криза и никој од нив не е позасегнат.

„Ние како Министерство, за залагање за климатските политики ги земаме предвид клучните принципи споменати од младите за соодветна климатска акција. Долгорочно размислување, инклузивност, доверба, транспарентност и практичен пристап, во таа смисла минатиот месец донесовме и долгорочна стратегија за климатската акција која препознава образованието и пошироката едукација како клучна интерсекторска компонента на климатската акција, за која развивме низа мерки и политики во акцискиот план“, рече Нуредини.

Неоходно е, како што посочи, сеопфатно образование во сите степени за обезбедување одржлив развој за прилагодување кон климатските промени, како и за подготовка и креирање на зелени работни места.

„За ова е потребно, не само развивање на наставни програми, туку и едукација на наставниот кадар. Ние во новиот закон за климатска акција, кој го работиме, ја предвидовме обврска за донесување на климатски аспекти во сите секторски стратегии и планови, меѓу кои и во образованието на исто ниво како и тие за енергетика, земјоделство и така натаму“, потенцираше Нуредини.

Претседателот Стево Пендаровски нагласи дека годинешниве шумски пожари и поплави и кај нас и во Европа ни претскажуваат каква иднина не’ очекува. Поради климатските промени екстремните временски услови ќе бидат се почести и се поинтензивни, вели тој, со повеќе човечки жртви и поголеми штети за националните економии и екосистеми.

„Тоа се констатациите и предвидувањата на науката. Но, што можеме ние да направиме во врска со тоа? Реално, самите можеме многу малку, но, заедно со другите држави во Европа и светот, можеме да направиме многу. Северна Македонија е една од првите држави која усвои Национална стратегија за енергетски развој до 2040 година. И покрај пандемијата на Ковид-19, годинава усвоивме ревидиран национален утврден придонес за намалување на стакленичките гасови. Утврдивме дури 63 планови за климатска акција што се директно поврзани со 15 цели за одржлив развој. Неодамна Владата ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција со Акциски план. Стратегијата не’ обврзува да ги намалиме националните нето емисии на стакленички гасови за 72% до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година“, посочи Пендаровски.

Тој до младите упати порака дека се „најинформираната и најдигитализирана генерација во историјата на човештвото, па за да излеземе на крај со овој глобален предизвик нам ни се неопходни вашиот ентузијазам, вашите иновативни и креативни идеи и решенија“.

Инаку, Младинскиот климатски самит е иницијатива поддржана од УНИЦЕФ и финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (Сида), организирана во партнерство со Амбасадата на Италија, како земја-домаќин на Младинскиот климатски самит на ОН во Милано и Амбасадата на Обединетото Кралство, како земја-домаќин на Конференцијата на ОН за климатските промени во Глазгов.

Бојан Шашевски