УНИЦЕФ ја претстави алатката „U-Report“, нова платформа за споделување мислење на младите

„U-Report“ е глобална платформа на УНИЦЕФ која ги охрабрува младите да продолжат да бидат гласни за важни прашања и да креираат позитивни промени во своите заедници

На настан во Градски парк Скопје, УНИЦЕФ заедно со млади, носители на одлуки, претставници од меѓународната заедница и експерти, ја претстави алатката „U-Report“ – платформа за поддршка на младинско учество што им овозможува на младите да ги споделат своите мислења за прашања што им се важни и да креираат позитивни промени во своите заедници.

„U-Report е активна во 85 земји ширум светот, со повеќе од 15.000.000 U-репортери кои преку алатката имаат можност да учествуваат во важни процеси на носење одлуки, креирање политики и стратегии кои ги засегаат младите и нивната иднина. Младите од нашата земја сега имаат можност да станат дел од глобалната заедница U-репортери со регистрирање на чатботот U-Report MK на Вибер.

За време на настанот, министерката за образование и наука, Мила Царовска, заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, заменик претставникот на Делегацијата на Европската унија, Џулијан Васало, претставници на меѓународната заедница и експерти им се придружија на младите во три дискусии на теми поврзани со образование, животна средина и ментално здравје. Младите имаа можност да дознаат повеќе за U-Report и како да се регистрираат, да го пополнат прашалникот на чатботот, но и да го споделат своето мислење на интерактивните инсталации поставени во секое тематско ќоше.

„Ги слушаме младите, затоа преку реформите ги поттикнуваме на критичко размислување и на јакнење на нивната гласност и самодоверба. Фокусирани сме на крупни промени во образованието, како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на младите. Со ова од најрана возраст ќе учат да се борат за своите права и ставови а со тоа заеднички ќе придонесеме за создавање и градење на подобро општество за сите нас.“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.

Од УНИЦЕФ појаснуваат дека темите за дискусиите биле избрани врз основа на мислењата што младите ги споделила како дел од иницијативата „Преосмисли ја иднината“ што ја спроведуваат УНИЦЕФ и Канцеларијата на претседателот Пендаровски. Преку онлајн прашалник и серија тематски работилници, тие ги идентификувале образованието, животната средина и менталното здравје како теми кои им се најважни и за кои сакаат да видат промени во земјата. U-Report треба да служи како платформа да го претставува гласот на младите и да продолжи да ги вклучува во разговори на овие и други теми што влијаат на нивната иднина.

„Треба да ги обезбедиме вистинските платформи и механизми за да осигураме младинско учество на повисоко ниво што ќе им овозможи на младите активно да бидат вклучени во процесите на носење одлуки. Младите имаат глас, а платформи како U-Report служат да дадат фокус на нивните мислења и да им помогнат да продолжат да бидат гласни за прашања кои ги засегаат. Оваа алатка ќе има влијание само доколку младите се регистрирааат и ја користат за да ги искажат своите мислења, а носителите на одлуки слушаат.“ – рече Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ.

Целта на U-Report е да овозможи размена на информации и собирање на податоци во реално време. Податоците ќе им помагаат на носителите на одлуки во процесите на креирање стратегии, политики и услуги базирани на реални потреби, како и следење на напредокот во остварување на стратешките развојни цели и остварувањето на детските права.