„Од Милано до Глазгов и понатаму“ – Младински самит за климатски промени во Скопје

Во среда (20 октомври) во Младинскиот културен центар ќе се одржи Младинскиот самит за климатски промени во Скопје.

Самитот, според организаторите, претставува можност младите луѓе да водат дијалог со носителите на одлуки и меѓународната заедница, да разменат мислења и да ги искажат своите ставови за животната средина и климатските промени, како и да се поврзат со своите врсници од целата земја кои се посветени на заштита на животната средина и климатските промени.

„Преку самитот во Скопје, младите луѓе од нашата земја ќе придонесат кон градење на ставовите на младите кои ќе бидат преточени во документ наречен „Младинска декларација за климатски промени“ кој ќе биде споделен со националните и глобалните лидери и носители на политики“, велат организаторите.

Ставовите од „младинска декларација за климатски промени“ ќе бидат пренесени и на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26) од 1-ви до 12-ти ноември преку конференцијата за млади (UN Climate Conference of Youth – COY16) која се одржува од 28-30 октомври во Глазгов, Обединетото Кралство. Градењето на ставовите на Самитот во Скопје ќе се надоврзе на ставовите од младите кои произлегоа од настанот „Youth4Climate: Driving Аmbition“ кој се одржа во Милано, Италија.

Младинскиот самит за климатски промени во Скопје ќе се пренесува во живо на Фејсбук.

Младинскиот самит за климатски промени е иницијатива водена од младите луѓе, поддржана од УНИЦЕФ и финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (Сида), и организирана во партнерство со Амбасадата на Италија како еден од домаќините на Младинскиот самит за климатски промени на ОН во Милано, Италија и Амбасадата на Обединетото Кралство, како земја домаќин на Конференцијата за климатски промени на ОН, во Глазгов.

Повеќе детали може да прочитате на следниов ЛИНК.