[Видео] „Оставка сега“ – културни работници со порака до директорот на НУЦК „Антон Панов“

Носителите на дејност од иницијативата „Култура или фис-култура“ денеска преку уште еден протестен перформанс побараа оставка од директорот на НУЦК „Антон Панов“ кој е професор по физичка култура.

Тие попладнево со листови хартија ги облепија прозорците на установата каде што пишуваше „Оставка сега“, додека во меѓувреме насобраните скандираа „Треба да се исчисти сметот“, „Кој ако не ние, кој ако не сега?“, „Срам, срам, срам, нели ви е срам?“.

„Што е добро, а што е лошо за перспективата на театарот? Чија функција од секогаш била да ги толкува појавите во светот, да поучува и да забавува и еднаш засекогаш да престаниме да правиме претстави по улиците, а да ги одиграме онаму, каде што им е местото со векови и милениуми, во храмот на божицата. Најновите искуства функцијата директор ја востановија како примарна, затоа што од неа зависи севкупниот развој на театарот, оттука, личноста која ќе ја исполнува таја задача, обврзно мора да располага со знаење и познавање од повеќе уметнички области, за да може успешно да го менаџира успешниот процес, во кој мртвиот текст оживува во претстава“, рече актерот Ванчо Мелев од струмичкиот театар, кој како што посочи, подолг период бил и директор.

Мелев смета дека таквата функција не може да ја извршува личност, за која, како што рече, не е едуцирана во областа на литературата пошироко и посебно во сферата на драматургијата и театарот.

„Ајде да ја убедиме јавноста која со огромно внимание ја следи драмата меѓу Министерството за култура и струмичкиот театар дека актерите не бараат ништо за себе, туку за оние за кои постојат, за публиката. Зар не е достатен фактот што не само театрите туку целата општествена јавност смета дека е направена грешка која може катастрофално да се одрази на севкупното живеење, но кое може да се поправи со малку повеќе разбирање. Зошто му велиме ‘не’ на животот, кога животот ни вреска ‘да’“, рече Мелев.

„Јас, Ванчо Мелев, во театарот сум близу 40 години како актер, а во еден подолг период како директор и одлично знам дека во театарот еден од поважните работи е точната поделба на улогите, а пред се и над се улогата на директор, затоа што од неговите организациски способности зависи успешното живеење на театарот“, додаде тој.

Пред нешто повеќе од една недела, иницијативата организираше и протестен марш во Скопје, каде меѓудругото, повторно беше побарано отповикување на одлуката за назначување на професор по физичка култура за генерален директор на установата во Струмица. Истовремено поддршка им дадоа и нивните колеги во Охрид и во Прилеп.

Претходно беа организирани и повеќе протести во Струмица, но и во Скопје, каде беа и на средби со министерката за култура Ирена Стефоска и со Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски.

[Галерија] „Департизација сега“ – културните работници маршираа низ Скопје