[Галерија] „Департизација сега“ – културните работници маршираа низ Скопје

„’Шчо направивме и шчо треба да направиме’ ќе не праша големиот Крсте Петков Мисирков во неговата бесценета книга ‘За македонцките работи’. Да правиме недопустливи грешки и да ја избркаме публиката од театарот? Да се преквалификуваме во службеници, ние актерите, да ги блокираме вратите на театарот, да му ставиме катанец, клуч?“, запраша актерот Бранко Бенинов од пред Министерството за култура, каде предмалку заврши протестниот марш на струмичката иницијатива „Култура или фис-култура“.

На маршот кој го организираше иницијативата која се формираше откако за генерален директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица беше назначен професор по физичка култура, Бенинов рече дека од надлежните бараат да им обезбедат услови за да бидат подобри од што се сега.

Едно од главните барања на иницијативата е отповикување на одлуката за назначување на професор по физичко за генерален директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. Актерот Ванчо Василев непосредно пред започнувањето на маршот посочи дека нивното барање го базираат на тоа што, како што велат, знаат дека не е компетентен за извршување на таква функција.

„Бараме назначување на нов в.д. директор кој што ќе биде од редовите на носителите на дејност и во најкраток можен рок да се распише повторно конкурс за избор на генерален директор. Исто така бараме согласно новиот предлог Закон за култура, да дојде до измени на членот 27, за заострување на критериумите за избор на директор на било која национална институција. Исто така бараме да доаѓа до вештачење на приложените документи за доказ на кандидатите дека имаат работа во културата повеќе од пет години и доказ на сите сертификати и јавно вештачење на тие сертификати за познавање на англискиот јазик“, рече Василев.

Тој рече дека нивната битка продолжува и дека се решителни и одлучни да ја „истераат правдата“, како и да го бранат професионализмот и јавниот интерес до крај.

„Веќе започнавме правна битка, поднесовме претставка до Државната комисија за спречување корупција. Исто така и како заинтересирана страна поднесовме тужба до Уставниот суд и многу се надеваме дека ќе дојде до брза разрешница затоа што нашата институција е веќе блокирана и нема никакви можности за да се одвива културна дејност во неа. Ќе продолжиме со протести и ќе бараме повисоки правни истанци. Немаме рок, но рокот сакаме да биде што поскоро, сакаме ние да се вратиме на сцена и да продолжиме да работиме“, истакна Василев.

Пред Владата, културните работници порачаа дека ова не претставува само локален проблем, и дека тие се тука во името на сите кои се запоседнати од, како што рекоа, партиските канџи.

Таму, една од присутните рече дека Стратегијата за развој на културата 2018-2022 била најавувана како „Стратегија на ослободување од режимските културни политики на претходната власт“, преку инсталирање на модел, за како што додаде, кој ќе го анулира претходно воспоставениот модел на арбитрарна и клиентелистичка власт, која ја партизира културата, задушувајќи ја  нејзината автономија и општествена важност.

„Мошне впечатлив и значаен момент во документот е ставот дека е неопходно ослободување од затвореноста, нестручноста и непрофесионалноста, од бирократијата и клиентелизмот, од манипулацијата и нетранспаретноста“, рече таа.

Исто така, една културна работничка посочи дека културата е далеку од ослободена од заробеност и принципите на Стратегијата изгледаат како хипокритична демагогија на парче хартија, затоа што, како што рече, во реалноста состојбите се дијаметрално спротивни и поразителни.

„Сѐ уште сме сведоци на партизација на институциите, каде што припадноста на партијата е повисок критериум за избор на раководно лице, член на управен одбор, па дури и обичен вработен, од критериумите на стручност, образование, искуство и компетентност кои произлегуваат од објективното расудување и се предвидени со закон“, рече една од присутните на маршот.

Освен во Скопје, денеска културни работници протестираа и во Охрид на кејот „Македонија“, пред споменикот „Св. Кирил и Методиј“.

Поддршка од културните работници од Охрид!!!

Posted by Култура или Фис-култура? on Wednesday, March 3, 2021

Иницијативата „Култура или фис-култура“ претходно одржа и повеќе протести во Струмица, но и во Скопје, каде беа на средби со министерката за култура Ирена Стефоска и со Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски.

Е.П./М.К.