Управен го поништи решението за избор на професорот по физичко за директор на НУЦК „Антон Панов“

Управниот суд на 8 јули го поништил решението за избор на актуелниот директор Васил Бубев на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, по претходно поднесена тужба од две одбиени кандидатки, актерка и менаџерка. Ова го соопштија од иницијативата „Култура или фис-култура“ која се оформи поради револтот од поставувањето на професор по физичка култура за директор на институцијата.

Тие велат дека рокот за жалба на Министерството за култура тече, додавајќи дека чекаат правдата да издвојува целосна победа.

„Да се назначи в.д. директор од редот на вработените носители на дејност и најбрзо што може да се распише нов конкурс, на кој сите пријавени кандидати ќе имаат еднакви шанси за докажување, па кој ќе биде подобар, нека победи“, децидни се тие.

Од Иницијативата посочуваат дека биле убедени дека правдата е на нивна страна и дека некој орган во државата ќе мора да се одважи и да биде на висина на задачата, и да почне да го практикува тоа што се проповеда, додавајќи дека тоа и се случило.

Според нив, Управниот суд го видел тоа што било очигледно, односно, како што велат, тоа што тие 6 месеци го посочувале.

„Тоа е дека е извршена флагрантна повреда на процедурата при изборот, со тоа што партискиот кандидат бил цело време фаворизиран од страна на надлежната комисија во министерството, за сметка на останати кандидатки“, додаваат тие.

Инаку, Иницијативата претходно организираше бројни акции, протести во Скопје и Струмица, добија поддршка и од колегите од Охрид, а и поддршка од бројни нивни колеги ширум земјата.

Иницијативата имаше и средби со министерката за култура Ирена Стефоска, Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, како и средба во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Исто така, тие поднесоа и претставка до Државната комисија за спречување корупција.