Во пожарите летово уништени 11.420 хектари шума

Површина од 11.420 хектари шума се уништени во 142 пожари кои ја зафатија земјава во периодот од јуни до септември, соопштија од Државниот завод за статистика (ДЗС) кои во соработка со ЈП Национални шуми спроведоа статистичко истражување за шумските пожари.

„Од вкупните штети од пожарите најмногу беа зафатени шумите од мешаните насади, кои учествуваа со 52.2 %, шумите од листопадни видови со 30.2 %, шумите од иглолисни видови со 10.1 %, додека приземната вегетација учествуваше со 7.4%“, стои во соопштението на ДЗС.

Опожарената дрвна маса во шумите изнесува 482.106 м3, посочуваат од ДЗС и додаваат дека износот на проценетата материјална штета изнесува 2.318.091.000 денари.

Како што пишува новинската агенција „Мета“, најмногу површини под шума поради пожари биле уништени во 2012 година, кога изгореле дрвја и друга вегетација што опфаќала 19.312 хектари. Но, дополнително оттаму посочуваат дека тие податоци се однесуваат за период од 12 месеци, додека за годинава се опфатени податоци единствено за периодот од јуни до септември.