[Рецензија] Пандемиско издание „Здраво млади 11“ во паркот на МКЦ

„Здраво млади“ е фестивал на нова музика кој низ изминатата деценија стана претпознатлив летен белег на Младински културен центар (МКЦ). И на Скопје воопшто. Младите и оние секогаш младите, знаат дека ќе дојдат и слушнат нови возбудливи бендови и музичари, година за година, ќе се спојуваат и дружат, а фестивалот истовремено расте во музичка, ама и просторна смисла. Сите се заедно во процесот, и аудиториумот, и тимот на МКЦ. Од пред некоја година Паркот на МКЦ е местото каде се префрли целата таа заедничка енергија, а вчера таму се случуваше 11-то издание со 10 музички имиња на агендата. Второ издание во пандемиски услови, втор пат изведено според ковид-протоколи. На невакцинираните за фестивалот ќе им прераскажуваат вакцинираните другари. Така мораше да биде. Летен провод со серфитикат. 

„Viagra boys“ повторно не настапуваа на „Здраво млади“. Втора година по ред најавени на фестот, втора година ги немаше во програмата. Откажаа поради зголемениот број активни ковид-случаи во Шведска и Европа, па дечките напишаа дека „не е сега одговорно да се патува“. ОК, ама други артисти најдоа време и начин да патуваат до Македонија, да свират или пуштаат музика во малата балканска земја, чие МКЦ од неодамна стана дел од мрежата на концертни простори „Liveurope“, во друштво на сали како „Ancienne Belgique“ од Брисел, „FZW“ од Дортмунд, „Melkweg“ од Амстердам, „Blå“ од Осло, „Kino Šiška“ од Љубљана, „Musicbox“ од Лисабон, „Vega“ од Копенхаген, „Debaser“ од Стокхолм…

Откажувањето во „пет до дванаесет“, меѓу другото, за МКЦ значеше компромиси со тајминг, логистика, артисти и барање „алтернативи“, кои тешко можат да се најдат, ако се знае дека „Viagra boys“… се „Viagra boys“. Плус откажа и Нога Ерез, па 10 дена пред најавуван дводневен „Здраво Млади“ – фестивалот доби само една вечер, спакувана со она што има на маса, со она што може да се реализира во пандемиски услови. Верувам, разочарување постоеше и кај тимот на МКЦ, но, шоуто мораше да продолжи! Мора да има музика во живо, зашто на сите им е преку глава од стримови, зашто мораме да задржиме и ментално здравје.

Овој пат, програмата беше поделена на две бини, што се покажа како паметен потег од организаторот. Немаше музичка пауза меѓу свирки. Не се шуткавме додека да стартува некој бенд. Одма на спротивната бина почнуваше друг, одма музика. Практично, и двете бини беа главни бини. Па, цело време се придвижувавме од еден кон друг крај од паркот.

Нешто по 19 часот, први на левата сцена се качија „Lufthansa“, млад бенд со неодамна извадени материјали, „Демо тејп 1“ и „Демо тејп 2“. Ова е шестчлен бенд што веќе си гради своја фан база меѓу музичките фанатици и алтернативци, иако им беше трета свирка од формирањето во 2020. МКЦ ги најави како состав што „свири пост панк, психоделичен рок и сѐ што ќе им дојде во моментот“. Слично како што и самите си се презентираа на Јутјуб – „зезанции во музичка форма од сферата на психоделичен рок и пост панк“.

Од „Lufthansa“ излегува симпатичен рокенрол ентузијазам. Допадлив, искрен, бунтовен, свој. Штета што беа ставени први, па голем дел од публиката не ги слушна, и не виде како во една песна вокалот го замени местото со гитаристот.

„’Viagra boys’ за жал не дојдоа, ама еве сега свириме ‘Viagra boys’“, рекоа од сцената дечките, кога гитаристот во стил на Себастијан Марфи блесаво се движеше и пееше од бината. Публиката возврати со аплауз, смеа и довикување. Со танцување и рипање пред бина. Потоа дечките свиреа и нова тема, од нареден материјал, за да имаме на памет дека се активни, и дека ќе продолжат со музичка свежина.

Надоаѓачката публика втор го слушаше „Blackstate“, проектот на Филип Тасевски – Фиц, претпознатлив претходно како фронтмен на панк-рок бендот „Новиот Почеток“. Ова е нешто сосема различно од Фиц. Експериментална и истовремено сензибилизирана електроника, своевидно себеистражување на Фиц. Не е за сечиј стомак, дефинитивно, тоа го знае и Фиц, ама самиот решил да се впушти во приказна која ќе си наоѓа патишта до аудиториумот. Плус, убаво е и храбро кога артистот нема своите музички побуди да ги чува само дома, за себе, туку делото ќе биде консумирано од повеќемина. Слушнато од повеќе уши. Дело што е длабоко, темно, со повремен вокал што треба да предизвика емоции, додека музиката патува навнатре, интровертно.

Фиц за прв пат се појави со придружба на бината, каде презентираше дел од досегашниот, но и дел од новиот материјал.

„KOIKOI“ е свежо име на шареноликата и разиграна белградска музичка сцена. „KOIKOI“ трансжанровски комбинира автохтона музичка традиција измиксана со современите трендови. Нивниот деби албум „Pozivi u stranu“ носи примамливата форма на поинаков поп, кој во истовреме е свилено благозвучен и игриво бучен, радиски сензибилен и рокерски силовит, а секогаш под велот на хипнотички балкански мелос, преплет на екстаза и носталгија.

Ова е можеби тешко да се замисли во музичка смисла, ама така беа најавени од МКЦ. Нешто такво и отсвиреа. Би рекол, комбинација од рокенрол, електронски елементи, њу-вејв и елементи од српскиот фолклор. Ама, рокенрол во сржта, водечки. Четворица на сцена, почнувајќи со темата „Ogledalo je zrcalo“ за која имаа објавено и спот. Фин состав за да се следи и во иднина.

Следни на музичкото мени беа шпанците „Belgrado“, бенд проникнат од „DIY“ алтернативната сцена на Барселона. Авторов на текстов не ги слушаше, само нив ги пропушти, бидејќи со другари се шетавме наоколу МКЦ, на муабет и дружба.

Дружба се случуваше и во паркот, во делот поставен на страна за чилање на лежечки перници. Место за одмор, или дискусија, или за следење музики од далеку. Кој како сака. Просторот беше оплеменет и со висечки планети и ѕвезди за да се одржи концептот од плакатот на „Здраво Млади 11“ на Катја Штркова. Плакатот е избран на Конкурсот за официјален постер на годинешното издание, а во изложбениот фестивалски простор сега можеа да се видат и останатите дела, од останатите дизајнери и артисти што аплицирале.

Исто така, се случуваше изложба на Бранкица Јордановска под наслов „Маска или преобразба на изопаченото“. Пригодно за едно вака параноично пандемично време во кое живееме. Најавата за изложбата експлицитно не алудираше на пандемијата, туку „маската како потенцијал за различни пројавувања, трансформации и метаморфози“. Сепак, едноставно, маските сега сите не’ асоцираат на корона-реалност. Па, оттука и првичните интерпретации водат кон тоа. Маскирање, истовремено и оттуѓување. Од себе, и од останатите.

Делата од изложбата беа изработени во различни ликовни техники како акварел, линорез, текстил. Беше поставено и огледало, пред кое висеше маска налик на језивото зајаче од „Dоnnie Darko“.

Ваквите елементи внесоа дополнителна содржина на фестивалот, бидејќи годинава немаше други штандови од уметници, или како лани кога функционираше посебно катче на „Стотројка“ за програма во живо, директ од „Здраво млади“.

Но, да се вратам на музичката програма… Следуваше „Murman Tsuladze“. Фронтмен со џигерица, излезен како од 80-ти од некој германски порно филм. Другиот во бендот носеше одело. Впечатлива банда, сигурна во себе за она што го прави. Мешавина од француската електроника, африканските ритми и нивните грузиски корени. Во музиката и појавноста внесуваат доста хумор. И бунтовност.

„Спремни сте да играте мајкое*ачи?“, довикуваше фронтменот кон публиката.

Владица Младеновски – Грга, координаторот на фестивалот, за Мурман вели дека „е тврдоглав/камен, Мурман ги држи најбујните веѓи на сцената, Мурман е артист, шармантен поет, но исто така и шиткач на летечки килими, одметник, астронаут, кинднапер и спасител на женските срца воедно. Мурман е фудбалер, емигрант, карпа-човек“.

Ваквата бурлескна појава беше испреплетена со енергичен настап, во постојан фидбек со публиката. Енергија од двете страни на бината. Особено во вториот дел од настапот. Дефинитивно еден од хајлајтите на „Здраво Млади 11“.

Следни беа „Iskra“, домашниот состав со дебело харкор-панк-метал „досие“, а денес, својот музички израз го насочуваат кон синт-електроника, проследена со визуелизации. Идеолошката потрепа на „Iskra“ се теми од иднината. Групата од четири млади момци сметаат дека пронашле чип од иднина со многу важни информации. Успеале да го декодираат чипот, а информациите до кои само тие имаат пристап пробуваат да ги пренесат преку музика и анимација. И, да не’ спасат сите нас од корпорациската иднина.

„Iskra“ веќе си има своја фан база во младите генерации. Тоа е факт. Интересно е да се види како ќе се развиваат, бидејќи делува дека музиката има можност повеќе да вибрира, да се доразвива и дооформува. Ова веќе го најавија и со синглот „Нова Ера“, соработката со Druggy.

Следуваше хрватскиот „Peki Pele“, на сцена како дуо. Се работи за загрепски уметник што е дел од лабелот-колектив „više manje zauvijek“, заедно со имиња како „Svemirko“, „Crvi“, „Luul“, „Fauna“, „Fantom“, „Đutko“… На сцената настапуваа во „придружба“ на три голи кукли. Две што стојат исправено, а третата на земја, само торзо без раце и нозе. На едната од куклите по првите 10 минути и ја снема главата. И ја извади „Peki Pele“, чија музика гравитира во она што се вика поп со панк-естетика. Без многу возбуди, без осцилации и енергетика, „рамна“ звучна слика за ѕенѕање.

Кога завршија, на спротивната сцена веднаш започна омниозна музика. Сцената беше спремна за русите „Shortparis“. Се чекаше 10-ина минути додека пејачот Николаи Комиагин се појави, за да почне да пее тивко, траорно. За да го пренесе студенилото од Санкт Петербург, од каде доаѓаат дечките. Од каде носат ритуален, мрачен, експериментален и авангарден пулс. Како саундтрак на нивното секојдневие.

Николаи се качуваше по металните столбови од бината, потоа скокна и на сцената. Па доаѓа тивко „дигање“ на музичката подлога, повеќеслојна звучна слика. Музиката ќе живне, тапанарот ќе рипне, ќе удира по тапаните, ќе танцува ритмично заедно со Николаи. Па пак тишина. Пак гласот на Николаи. Па, пак денс експлозија. Добредојдовте во светот на „Shortparis“! Дефинитивно бенд за следење во живо, сега и тука, на „Здраво млади“. Уште еден од хајлајтите на вечерта.

Помина полноќ. Време за диџеј сетови. Прво оној на Енди Батлер, најпознат по проектот „Hercules and Love Affair“. Тоа е името што ја „купува“ публиката навлечена на диско-хедонизам. Пушташе музика што нема да биде „сварена“ од многумина. Во превод, за авторов на текстов – млака предвидлива денс музика. Без жар, рамна, повторувачка, со патетични вокали. Како да сме на базен „Плаја Виста“, па ова оди во позадина за да не’ анимира додека се мачкаме со цел „арсенал“ креми и масла против УВ зрачење. Можеби многумина гордо ќе се сеќаваат дека присуствувале на сет на Енди Батлер, други како авторов на текстот брзо ќе го заборават ваквото искуство. Секој со своето. Да нема забуни!

Вечерта заврши со Dj Fitz. Тој е веќе резидент диџеј на „Здраво млади“, пријател со раководството на МКЦ, пријател и на алтернативци од земјава. Интергалактичкиот мега цар си цепаше свој стил, шаренолик избор, патување низ светот. За разлика од пример лани, проблемот сега беше што тешко се поврзавме со музиката откако се случи Енди Батлер. Спласнавме. Барем некои од тие што останавме до крајот.

Во финишот, дел од тимот на МКЦ се качи на сцена заедно со Fitz. Се качи и Мурман, се качија и некои други рандом луѓе од публика. Играа заедно на бина, додека пред нив ѕенѕаше и играше преостанатиот аудиториум. Кога музиката заврши, повторно луѓе извикуваа „уште една песна!“. Но, тоа е тоа. Веќе дојде три и кусур саатот. Можеби скоро четири.

Што сега? Ќе чекаме ново „Здраво млади 12“ во 2022 година. Со надеж дека пандемијата ќе не’ ослободи од протоколи, за да одиме сите заедно. Физички здрави, и ментално здрави. Сите во паркот на МКЦ. Тука обично се регенерира желбата за размена, музички предизвик и заедништво. Простор каде можеш да бидеш свој, меѓу своите, со колективно чувство на младост.

Бојан Шашевски