Владата на вчерашната седница ги усвои Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта, во учебната 2021/2022 година, како и протоколите за постапување на средните и на основните училишта во Република Северна Mакедонија, за реализација на воспитно-образовниот процес, со физичко присуство на учениците, во учебната 2021/2022 година.
Како што соопштија владините портпароли, на први септември наставата почнува со физичко присуство во сите училишта и истакнаа дека најдобар начин за да го заштитиме и менталното здравје и да се одржи нивото на квалитет на наставата и социјализацијата на учениците е тие да се во училница и тоа ќе биде направено во оваа учебна година.
„Отворањето на училиштата е препорака и на УНИЦЕФ. Подготвени се потребните протоколи за заштита. Училиштата исто така. Искуството од минатата година со наставата за учениците од прво до трето, покажа дека училиштата имаат капацитет да го спроведат образовниот процес и во вакви услови и нема сомнение дека така ќе биде и годинава“, посочија од Влада.
Министерката за образование и наука Мила Царовска пак денеска одржа редовен координативен состанок со директорите на основните училишта, На состанокот било заклучено дека училиштата се подготвени за започнување на новата учебна година од први септември годинава според потребните здравствени протоколи, соопштија од Министерството.