Групата „21 век“ го објави новиот албум „Си нацртав живот“

Музичката група „21 век“ го објави третиот студиски албум насловен „Си нацртав живот“ кој од денеска, под етикетата на „Пасворд Продакшн“ е достапен на сите поголеми дигитални музички платформи.

Албумот, како што велат од продукцијата е сниман во периодот од 11 јануари минатата година до 17 јули годинава, во студиото  „1060“ од Дени Крстев кој е и продуцент на изданието кое има осум нови песни.

„Со новиот албум групата се покажува во сосем поинакво светло од она на кое сме навикнати од нив во минатото. Tажните мелодии и љубовните текстови се основата на новиот албум и звук на ’21 век’ кој „Си нацртав живот“ го најавува како љубовно-исповедничка плоча, базирана на вистински настани“, се додава во соопштението на продукцијата.

Претходно групата го најави албумот со два сингла кои беа објавени и со видеозаписи во режија на Милан Блажевски. Првиот беше објавен во јуни за песната „Ужасно ми фалиш“, а кон крајот на август беше објавено и видеото за „Сама види си“.

Групата „21 век“ како што додаваат од продукцијата е изнедрена од пост-панк круговите на македонската алтернативна сцена и формиран од долгогодишните соработници и пријатели Васко Атанасовски, Дени Крстев и Раде Јордановски.