#ПетАлбумиЗаПоДома на Вангел Ноневски

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Вангел Ноневски.

Тој е главен координатор на проектите и активностите на „Аксиома“: непрофитна екипа на ентузијасти кои ја организираат „Омнибустопија“ (мултиуметнички фестивал), издаваат книги и музички албуми на македонска авангардна музика, организираат концерти, изложби и работилници, и се обидуваат да ја живеат уметноста.

Ноневски досега има издадено три авторски книги: „Музички бриколаж“ (2003 година, Магор), „Грамофонот како метаинструмент“ (2014 година, Аксиома) и „Киборшка естетика“ (2018 година, Аксиома); и приредено еден зборник: „Грамофонот како метаинструмент“ (2014 година, Аксиома). Пишувал колумни за македонски медиуми и има преведено шест книги од англиски јазик и една од хрватски јазик.

Неговите интереси и активности се од областите на културата и студиите на ремиксот (од Дишан до Grandmaster Flash); естетиката и интердисциплинарните студии на интерактивните уметности; модерната уметност и нејзиниот однос кон семиологијата (од Бенјамин до Дерида и отаде); културните студии (истражувања засновани на филозофијата и медиологијата); теоријата на современата архитектура и јавниот простор; и сè она што влегува во пукнатините меѓу нив.

Од октомври 2018 година е вработен како редовен професор на Институтот за филозофија, при Филозофскиот факултет во Скопје.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Ноневски, со негов уводник, а потоа и осврти кон одбраните музички парчиња:

***

За мене дома е како што пее Џејмс Хетфилд во „Wherever I May Roam“: „Where I lay my head is home“. Така што овој избор Е за по дома, при што дома е: дома, шетање куче низ маало, возење кола низ скопскиот метеж, вежбање на шипки и справи во Карпош 4, при бањање и туширање, пазарење во маркети, безделничење на мобилен, пружање и собирање алишта, работа на лаптоп, симнување музика на лаптоп и слушање музика за по дома при правење избор на музика за по дома.

1.Vagina Corporation – Дали ова е живо? (2024)

Најдоброто нешто што му се случи на македонскиот гараж рок по Suns. Одлични текстови, брутални сурф рок рифови, гости на место, развлечени песни токму така како што јас си сакам. Албум кој ќе се памети.

2.Светлост – Everything Was as It Had Been a Minute Ago (2024)

Блиски пријатели ми се сите тројца, ги сакам, сум пишувал многу за нив и ќе продолжам да ги слушам додека сум жив. Имаат свој специфичен стил/начин на комбинирање агресија и лиричност низ џез идиомот. Уникатни. Да не постоеја немаше да можеме да ги измислиме.

3.Букршлиев | Хаџи Коцев | Спировски – Transmarginal Beverly Hills (Live at JaZzy) (2024)

Ова ми е најдрагиот албум кој излезе за новата музичко-издавачка иницијатива на „Аксиома“ (во која и самиот сум вклучен). Снимен во живо пред една година, во сега веќе непостоечкиот клуб „Џези“, а издаден пред некој месец. Небаре сета тага на овој свет тој ден да се канализирала низ гитарата, пијаното и саксофонот на овие тројца врвни музичари. Албумот беше концертно промовиран два дена по смртта на Мирко Попов. Прикладно тажно :(

4.The Jesus Lizard – Goat (1991)

Музика за уништување на сопствениот стан, зграда, град или држава. Ама воедно и саундтрак за бесмислата, распаѓањето и пропаста на идеалите на Генерацијата Икс. Ужас преведен во звук кој напаѓа без намера да запре…

5.Shellac – To All Trains и Dude Incredible (2014)

Пичка му матер’на! Смртта на Стив Албини ми падна потешко отколку смртта на Курт Кобејн. Минималистички, репетитивен, но никогаш здодевен ноиз рок. Еден музичар еднаш кажа дека „Shellac“ се најдобриот рок бенд на светот. Не гледам причина зошто не би се согласил со оваа опсервација.

Албуми кои во некои други времиња би влегле во топ 5:

-Swans – Deliquescence (раѓање, контемплација, трансцеденција, просветление, крај)

-King Gizzard and the Lizard Wizard – Omnium Gatherum, Flying Microtonal Banana и Nonagon Infinity (енигма е како успеваат да бидат толку добри во 15 различни жанрови)

-Pile – You’re Better than This (и речиси се’ останато) (за мене едно прекрасно ноиз/инди рок откритие)

-John (TimesTwo) – Nocturnal Manoeuvres (и сите останати албуми) (уметност од бучава)

-Godspeed You! Black Emperor – Allelujah!

-Don’t Bend! Ascend! и G_d’s Pee AT STATE’S END! (најтажната и најубавата музика на свет; неверојатно нешто)

-Krokofant with Ståle Storløkken & Ingebrigt Håker Flaten – Q (еуфоричен и фасцинантно мелодичен џез рок)

-Fire! Orchestra – Echoes (со бендовите на Матс Густафсон нема грешка; овој му е најдобриот оркестарски до сега; ремек-дело)

-Dinosaur Jr. (кој било албум)

-Oxbow и Buñuel (бендовите на Јуџин С. Робинсон) (кој било албум)

-Shackleton – Music for the Quiet Hour / The Drawbar Organ EPs (нешто како Swans, ама со електроника; музика за хипноза)

-Four Tet – Live at Alexandra Palace London, 24th May 2023 (подобар е во живо отколку на студиски албум!)

-Miles Davis од крајот на 60тите до 1973та

-John Coltrane по 1963та

-Burial – Tunes 2011 to 2019 (нешто како Shackleton виа Godspeed You! Black Emperor, ама во урбан фазон)

-Water Damage – In E (новооткриен инструментален, минимал ноиз рок за иницирање мигрена и пошироко)

-Tool – Fear Inoculum (кулминација на нивната досегашна кариера)

-Thee Oh Sees – (речиси кој било албум) мајстори на психоделичниот фрик панк-фолк-треш-прог

***

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски – Бојана Низамовска – Дејан Василевски – Гето Руди – Горан Конев – Клаус – Леонида Гулевска – Бисера Атанасова – Иван Димишков-Димиш – Михаил Каровски-Натрикс – Анастасија Павловска – Бјанка Станковиќ – Ена Утевска – Александар Анѓелковиќ – Атанас Велковски – Јован Близнаковски – Маргарита Арсова – Кирил Колевски – Рамона Кочишка – Теодора Соколовска – Ангела Бошкоска – Хана КорнетиМилена Крстевска

***