#ПетАлбумиЗаПоДома на Митко Гогов

Поетот, концептуален уметник, активист и претседател на Здружението „Контекст – Струмица“, Митко Гогов одбра свои #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој осврт кон музичките остварувања:

Веќе неколку денови се мислев како да ги покажам и на кој начин да ги презентирам албумите кои се дел од мојот живот, а да биде во форматот на топ 5, според редакцијата на Радио МОФ. Се мислев, се вртев низ собите, музика постојано свири (освен за пресовите на министерот Филипче), преслушав една купа музика и како да ви кажам, што знам, нема да ја патетизирам, нема да драматизирам, нема да ви пишувам кој сум прескокнал, кој ми бил поважен, кој ми бил повеќе или помалку слушан, туку натурално, она што ми лежи на душа, иако можеби веќе и не го слушам (така често), како порано. Лажам, не може да не се спомнуваат други ликови, бендови, музичари, невозможно е, но ќе се потрудам да не должам многу, а тоа е само по себе предизвик.

1.The Beatles – Magical Mystery Tour (1976)

Иако не секогаш сум сакал „мирна музика“ и повеќе време во животот слушав/м алтернативи, гранџови, брит-попови , блузови, џезови, рокови и разни сокови, па дури и разни видови на метали и неметали, овој албум со тек на време почнав да го засакувам. Го имав уште од времето кога слушавме касети и најчесто копчето за напред – назад прво се расипуваше, па 90-те поминаа во знакот на преснимување, барање на декови и сл., Битлси морам да признаам дека ми оставија некакво влијание во животот. Добро, турнејата на Роберт Плант и Џими Пејџ исто така, но тоа е сосема друга приказна. Овие нинџи некако ми беа фора после трипањето со себе и со концептот на музиката која ја создаваа пред овој „мој“ филм, со нивниот индиски (спиритуален) повик, комбинации на Шиви, Махариши, Кришни, па и вишни или цреши, со нивното експериментирање со звукот, употребата на повеќе инструменти, зрелоста, со дотогаш познатото знаење, филозофија и перцепција на психоделијата како таква, т.е. како основа за нурнување во длабокото. Доволно е, „сѐ што ни треба е љубов“, другото мислам дека го знаете, да не ја тупам, нАли?!

2.The Doors

Додека светот се бори со невидливиот непријател, јас често знам да се навратам на мојот невидлив пријател од  младоста Џим Морисон, на неговата поезија, на неговата животна приказна, на неговата бунтовност и тоа како би му било нему сега да го затворат во четири ѕида. Па додека касетата врти на мојот прв касетофон со две глави, тој се соочува преку стиховите со мајка му и татко му, додека шаманот му дише во врат, тој ја наметнува духовноста како незаменлив невидлив следбеник кој ни ги покажува насоките, а со тоа и своевремено го формира стилот на однесување, односно магичноста на тоа да се биде различен, уникатен, истовремено над материјалните замки кои те шуткаат де на оваа, де на онаа страна од животот. До мене се книгите на Бодлер, Рембо, Едгар По, Лорка, интересно е да се биде средношколец кој веќе талка по незнајното, а на иднината гледа со првите позајмени кожени панталони од другар(ка), кои само еднаш ги облеков и потоа ги вратив. Некако не се пронајдов во кожата, до ден денес исто, дури ниту за Морисон, но музиката на Дорси ете како ја слушав, а и ја слушаме уште од тезга кавер бендови, што воопшто и не е лошо, ако споредиме дека во кафулето до тебе свират некој турбо фолк. Јас, непознатиот војник, го фатив еднаш шпанскиот караван, бевме диви по улиците на љубовта во Лорка, летото беше речиси готово, само една друга река знаеше дека можевме да бидеме многу добри заедно, ви текнува? Целата дискографија на Doors е антологиска, сонцето секогаш можеме да го чекаме некое идно индијанско лето3.Kula Shaker – Peasants, Pigs & Astronauts (1999)

Забегана работа – не знам поради која причина овој албум ми остана еден од омилените, можеби од Говиндата која се надоврзува на претходните божества од погоре, но едноставно, овој албум за селаните, свињите и астронаутите мене ми е ремек дело. Не е ова нешто како кога култните Pearl Jam и нивниот Еди Ведер кој потоа замина во дивината, ниту пак кога Цепелинци се обидоа независно од нивниот бенд да направат фузија од светската музика со нивен призвук. Ова за мене е музика што ми врти во потсвеста, некои влезови од нивни песни, животот од Sounds of Drums, тој хибрид од прогресивен – психоделичен рок, до ден денес ме наведува да се оддадам на чудни комбинации, како на пример тој стилот со сурфинг псај панк нешто… Сеедно, за мене Mystical Machine Gun се комплетот на љубов, душа, смиреност, хармонија од Златниот аватар, Раде Раде Радхарани (жената на Кришна), Намами Нанда Нандана, временскиот црв и концептот за времето и мултидимензионалноста на нашето постоење, она истото за кое Pink Floyd ја посвети целата своја музика и фактот дека не е само пораката од Битли важна и клучна, туку и засилена со потребата од “туширање со љубов“ на оние на кои им недостига. Секако, не мора тоа да ја стигне кулминацијата на Колдплеј, оти тоа е тапа некако, подобро вратете се на Џој Дивижн, еве одлучете сами. Значи да, овие, но ако ви дојдат многу јакички пуштете си Рејдиохед или Ер или Моби или Портисхед, секогаш ќе бидете куал, само немојте многу Зомби, Гвен Стефани од детството или да не биде сето тоа премногу иронично, подобро цепајте накај Бјорк. :)

4.Cosma

Овде веќе полека доаѓам на своето, на она што ме дефинира во Митко како сега. Станува збор за Avihen Livneh и неговиот музички алтер презенс. Со транс музиката се запознав многу млад, детуле, а таа сѐ уште ми е најважното нешто што ме прати секојдневно. Неговата музика е спој на топлото и ладното, на светлото и темното, на материјалното и духовното, на она отаде и на она внатре во нас. Со помош на неговите звуци и по 20 години можам да патувам, а да сум еве како во случајов затворен дома. Уште тогаш кога стана популарен веќе го имав неговиот дебитантски албум во мојата папка, потоа следеше и другиот „Нон стоп“, а со тоа и блескава кариера пред него. Едноставно го биваше човекот, си ја знаеше работата, знаеше што публиката сака од него, а тој со неговите космички способности ги носеше сите потребни елементи за една трака да биде целосно доживување. По ненадејната смрт која следеше, едноставно Cosma остана на златаната полица на електронски изданија, а неговата музика: дефиниција, химна, евергрин, лекција, длабока радост и тага истовремено. Кога би можело, не би ми било проблем постојано да свири во мене како некој биолошки вграден плеер. Вечна му слава, за некои од нас ќе остане вечно присутен, во паралелите во кои патуваме со помош на неговите клучеви кон вратите на Универзумот. Фала му!

5.Shpongle

Е сега, ако стигнавте до овде и уште ме читате, малку ми е глупо да ви пишувам за тоа кој е Раџа Рам (еден од првите аватари на електронската сцена), кој е Сајмон Пасворд или кои се Шпонгл… Во една кратка реченица, што би рекле старите – тие се мелем за душата. Постојат многу амбиентални проекти, оркестри, колективи, но тоа што го направија овие самураи, бабаџи, гуруа на електронската музика е за поклон, во секоја смисла. Едно утро пред 10-на, ако не и повеќе години, кога ја вадев градината со киви и цвеќиња, а низ звучниците свиреше еден од нивните албуми, прозорецот отворен, а мајка ми лесно раздвижена низ куќата ја доживеав како да лебди, притоа таа нема шанси да си пушти музика сама после смртта на татко ми и на моето прашање дали и се допаѓа тоа што свири ми рече: Ова не е музика, ова е нешто како музиката која се слуша во црквите, само е малку повесела… Тогаш знаев! Да, ова е музички портал кон сите минати, сегашни и идни цивилизации, ова е нотата на Апсолутот, ова е чистото раѓање на човештвото. Кога би се градела нова Вавилонска Кула, оваа музика би требало да свири на разглас. Да ги оставиме форестите, дарковите, прогресивот, фулонот и останатото за друг пат. Ова е сосема доволно – благодарам екипо за можноста да споделам.

Слушајте добра музика и седете дома! :)

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски
Петар Антевски
Сара Цветкоска
Мартина Баракоска
Сара Миленковска
Златко Ѓелески
Горан Костовски – Индог
Драган Иванов – Druggy
Катериња
Милчо Манчевски
Калиа Димитрова
Ивана Маркоска
Tōkyō de Ville