#ПетАлбумиЗаПоДома на Иван Димишков – Димиш

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Иван Димишков – Димиш (Dimish), 21-годишен музичар од Скопје, кој обожава со луѓето да ја сподели музиката која ја слуша.

Ова се неговите предлози што можете да ги слушате по дома:

* * *

1.Фонија – … без име (2015)

„Фонија“ ги дознав во 2017. Тогаш бев прва година средно и тие се причината зошто го направив соло-проектот „Dimish“. „Мојот пекол“ ми е омилен албум од нив, но овде ќе го споменам „ …без име“, бидејќи овој албум ми е повеќе за домашна атмосфера. Но, главната причина зошто го одбрав токму овој албум е поради тоа што ми има најмногу помогнато во тешки денови и без него, не знам каде ќе бев. Едноставно, преубав албум. Сите текстови, музиката, мелодијата на пеење, според мене, „Фонија“ се имаат надминато себеси со овој албум.

2.Новиот почеток – Јас сум земја (2015)

„Новиот почеток“ ги дознав сличен период како и „Фонија“. Двата бенда звучат слично, но сепак различно.
„Јас сум земја“ ја носи истата приказна како и „ …без име“, албум кој ми помогнал многу во тешки периоди. Доста мрачен, но и позитивен албум, со прекрасни гитарски рифови, енергични тапани, преубави текстови и мелодии на пеење, дефинитивно овој албум треба на неколку месеци да си го преслушувате по дома.

3.Paramore – Paramore (Deluxe Edition) (2013)

„Paramore“ е поп-панк бендиште. Премногу ми значат и премногу ги сакам. Доста инспирација црпам од нив и се чудам како можеле да прават таква музика на само 16 години. Со тоа што имаат женски вокал, засакав премногу други поп-панк бендови со женски вокали и општо вокалистки кои имаат свои соло-проекти. Нивниот четврти албум „Paramore“ е скоро ист со албумот „Paramore (Deluxe edition)“, но конкретно го одбирам „Deluxe edition“, бидејќи има плус 3 песни кои звучат предобро! Овој албум е поразличен од претходните нивни албуми, тука тежнеат кон поп, со малку мешање на електроника и во глобала имаат многу подобра музика, текстови, вокали и аранжман на песните од претходните, но Ви препорачувам да ги чуете сите албуми од нив, верувам ќе Ви се допаднат!

4.beabadobee Fake It Flowers (2020)

Пејачка од Англија, која почнала да снима музика во својата соба, а сега полни цели стадиони и има по милион слушатели на музичките платформи. Пред овој албум има издадено неколку ЕП-ња, но овој деби албум ѝ е најдобар материјал издаден. Инди-поп песнички, кои потсеќаат на тинејџерски филмови во двеилјадитите, Ви будат некоја носталгија која не сте ни знаеле дека ја имате. И со брзи и со бавни песни, „beabadobee“ Ви раскажува за случките во нејзиниот живот. Слушајте го албумов по дома, во кола, каде и да посакате, за секоја пригода е, а и Ви препорачувам сѐ останато од неа да слушнете!

5.Kailee Morgue – Girl Next Door (2022)

Пред скоро ја дознав, а веднаш ја засакав нејзината музика. Овој албум е најразличен од сите кои ги споменав овде во однос на музиката. Инди песнички, со примеси на електро-поп, Kailee пишува за теми во кои може да се пронајдат младите. Албумот е богат со многу певливи песни, кои сигурно ќе Ви останат во глава по првото слушање. Во последно време сум многу опседнат со овој албум, дури црпам и инспирација од него за песните кои би ги правел во иднина и дефинитивно Ви го препорачувам да си го слушате по дома, сигурно ќе Ви го направи расположението поубаво.

* * *

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски – Бојана Низамовска – Дејан Василевски – Гето Руди – Горан Конев – Клаус – Леонида ГулевскаБисера Атанасова

* * *