#ПетАлбумиЗаПоДома на Бисера Атанасова

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска ја имаме Бисера Атанасова, студентка на англиски јазик и книжевност, која завршува трета година. Редовно е преведувачка, повремено пејачка, и љубителка на турско кафе без шеќер и пелинковац.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Атанасова, со нејзин осврт кон музичките парчиња:

* * *

1.Lana Del Rey – Ultraviolence (2014)

Бидејќи, во принцип, обожувам музика која или ме потсетува на лето, или може да се слуша исклучиво летно време, Ultraviolence ми е прв на оваа листа. Лана Дел Реј ми е омилена пејачка и, иако малку го има сменето својот стил денес, секогаш му се враќам на Ultraviolence. Албум кој звучи како да е обложен со чад од цигари, ехо од некаков далечен плач и летна жега. Florida Kilos ми е најдобра песна од албумов.

2.Elis Regina – Elis (1972)

Пак, летен албум. Elis Regina ја открив во периодот кога учев португалски јазик на факултет и развив опсесија со сѐ што е португалско и бразилско. Совршен албум за пиење турско кафе на тераса на сончев ден, а текстовите (откако ќе ги преведеш) се неверојатно меки и прекрасни, исто како и нејзиниот глас.

3.Andrew Bird – I Want to See Pulaski at Night (2013)

Освен пет албуми за по дома, еве една препорака и за серија – The Young Pope (и The New Pope). Преку оваа серија всушност и го открив Andrew Bird, кој во својата музика прави една необична плетка од фолк и инди рок, што му дава, повторно, една неверојатна топлина на неговата музика. Текстовите се само бонус.

4.John Frusciante – Curtains (2005)

Уф. Го открив Фрушанте во средно кога бев во бенд. Сите во бендот го обожававме – гитаристите поради неговото маестрално свирење, а ние, пејачките, поради гласот и текстовите. Бидејќи главната работа во музиката за мене е текстот, мислам дека не можам да слушам музика чиј текст нема никаква лирична вредност или барем некое значење за мене, а Фрушанте секогаш успева да ме погоди. Curtains (особено песната Time Tonight) е албум за кога ти се плаче во соба во три сабајле, ама топло го препорачувам.

5.Фонија Мојот пекол (2013)

На најјако! Ова ми е еден од омилените македонски албуми уште од средно, и, иако поретко, ден денес го слушам кога возам точак или само кога имам потреба од јак бубањ, супер вокали и (пак) феноменални текстови (на македонски!). А, овој албум го има и еден од најдобрите албум кавери кои сум ги видела.

* * *

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски – Бојана Низамовска – Дејан Василевски – Гето Руди – Горан Конев – КлаусЛеонида Гулевска

* * *